Свет

Русија им дава државјанство на Украинците во Доњецк и Луганск

24. април 2019 - 20:36 | МИА

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е неприфатливо жителите на украинските региони Доњецк и Луганск да немаат права.

Путин истакна дека Москва не сака да му создава проблеми на новото укаринско раководство.

Тој претходно потпиша декрет за забрзано решавање на барањата за руско државјанство на Украинците кои живеат во Доњецк и Луганск.

Во денеска објавениот декрет на интернет страницата на Кремљ се наведува дека на луѓето кои живеат во украинските региони Доњецк и Луганск ќе им се разгледаат барањата за помалку од три месеци.

– Немаме желба да му создаваме проблеми на новото украинско раководство, изјави Путин, објаснувајќи го таквиот потег.

Остри реакции од Украина

Претседателот во заминување во Украина и новиот шеф на државата, Петро Порошенко и Володимир Зеленски денеска во одделни изјави ја нарекоа Русија окупаторска сила во источна Украина, откако Москва почна постапка за поедноставување на процедурата за добивање руски пасоши.

Претседателот во заминување Порошенко рече дека со акцијата Кремљ го крши меѓународното право, додека новоизбраниот шеф на државата, Зеленски, ја обвини Русија за војна против Украина.

Украина побара одржување вонредна седница на Советот за безбедност на ОН поради одлуката на Русија да го олесни издавањето на руски пасоши за жителите на украинските региони Доњецк и Луганск.

Можно е седницата да се одржи утре, изјави извор од светската организација.

Во писмото испратено до претседателот на СБ, Украина наведува дека руската одлука се заканува на нејзиниот суверенитет.

Коментирај