Спортскиот арбитражен суд (ЦАС) во Лозана ѝ ја преполови на Русија четиригодишната забрана за настап на големите натпреварувања, но ја остави на сила забраната за учество под руско знаме на спортистите од оваа држава на претстојните Олимписки игри во Токио и на зимската Олимпијада во Пекинг во 2022 година.
Како што официјално е соопштено вечерва, за време на двегодишниот казнен период, исто така, останува на сила забраната Русија да организира големи меѓународни спортски натпреварувања.
Настап на олимпијадите во Токио и Пекинг, како и на светските првенства, ќе им биде дозволен само на руски спортисти и екипи, кои не се вмешани во допинг, но тие ќе можат да учествуваат само под неутрално знаме и без национални обележја.
Претходно, Меѓународната антидопинг агенција (ВАДА) ѝ изрече четиригодишна забрана на Русија, обвинувајќи ја за подметнување фалсификувани документи и бришење датотеки поврзани со позитивни допинг тестови, кои „можеле да помогнат во идентификување на спортистите, кои користеле допинг средства“.
Судот во Лозана ја намали казната на две години, истата стапува на сила денеска и ќе остане на сила до 16 декември 2022 година. Тоа значи дека настапот на Русија под националните обележја на Мундијалот во Катар е загрозен бидејќи фудбалскиот собир завршува токму пред истекот на суспензијата. Сепак, можно е ФИФА да не ја прифати оваа одлука на ЦАС и да ѝ дозволи на руската репрезетација, доколку се квалификува, да настапи под своето знаме и бои.