Македонија

Русија: САД валкано манипулираа со гласањето за уставни промени во Македонија

22. октомври 2018 - 19:14 | А.С.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека САД „валкано манипулираа со нерегуларно гласање“ во македонскиот Парламент при донесувањето на одлуката за уставни измени.

Гласањето во Македонија за измените на Уставот за промена на името и влегување во НАТО се одржа со кршење на сите норми и Москва смета дека тоа што се случи е валкана манипулација, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Обрнавме внимание на гласањето што се одржа на 19 октомври во Парламентот на Македонија за измените на Уставот што се потребни за промена на името и влегување на земјата во НАТО. Сето тоа беше организирано по каноните на ‘современите европски демократии’“, стои во коментарот на руското Министерство за надворешни работи.

Оттаму сметаат дека осумте гласови што недостигаа за добивање на потребното мнозинство биле добиени со „уцени, закани и поткупување на опозициски пратеници“.

„Тројца од нив, сосема случајно, баш тој ден беа пуштени од затвор, на други двајца против кои Специјалното обвинителство има отворено случај, им беше ветена слобода, а на останатите во замена за ‘правилно гласање’ им беа дадени корумпирачки предлози. Пратениците беа затворани во кабинети, им беа одземани мобилните телефони, очигледно во духот на европската демократска пракса. Интересно е што амбасадорот на САД се наоѓаше во зградата на Парламентот до самиот крај на седницата, што не остава сомнеж кој раководел со овој процес“, тврди министерството.

„Ова што се случи е отворено кршење на сите норми, и од аспект на законот и од морален аспект. Вакви валкани манипулации не може да се сметаат за покажување на волјата на пратениците. Мислењето на две третини од македонскиот народ кои одбија да го поддржат Договорот од Преспа на неуспешниот референдум од 30 септември беше грубо игнорирано. Решавањето на спорот меѓу Скопје и Атина треба да се заснова на правото, на широката поддршка од народот, а не да создава поделеност во општеството“, нагласуваат од руското министерство.

Коментирај