Град на далечниот североисток на Русија во изминатите денови е преплавен од гладни поларни мечки поради невообичаено топлото време, објави World Wildlife Fund.
Повеќе од 50 поларни мечки се забележани во близина на Риркаjпиj бидејќи на морските подрачја на кои мечките обично ловат нема доволно ледена покривка.
Поларните мечки се изгладнети и видно ослабени. Иако во тоа подрачје се доста чести, ретко се спуштаат до населените области. Ледот не е доволно дебел за да ја издржи тежината на мечките.
Пред неколку месеци изгладнета мечка беше забележана на стотина километри јужно од природното живеалиште во рускиот град Норилск, поради намалување на ледените површини на север. Мечката е спасена и однесена во зоолошка градина во Краснојарск.