Русинот Јевгениј Некрасов го загубил видот во експлозија, па сега развива бионички очи за да си го врати. Веќе свири на гитара користејќи бионичка рака, а илегално си вградил и микрочип.
Студентот од Владивосток, кој сега има 21 година, останал слеп кога имал 14 години откако боца со плин му експлодирала в лице додека си играл со другарите. И не само тоа, туку останал без една рака, а на другата го изгубил осетот за допир.
„Рацете ми беа буквално во каша. Сѐ уште на машина за одржување во живот, почнав да си ги допирам нозете и осетив дека немам зглоб на десната рака. Докторот ми кажа дека бил разнесен. Така започна мојот необичен живот“, рече Јевгениј во интервјуто за Јандекс.
Неговото семејство му дало целосна поддршка и младиот Јевгениј направил неколку операции во три различни градови низ големата Русија, а инспирација му станал Стивен Хокинг. Момчето кое порано мразело математика и често се расправало со наставниците, одеднаш станало опседнато со учење и технологија.
Образованието го продолжил во специјално училиште за лица без вид каде за шест месеци успеал да помине програма предвидена за четири години и покрај тоа што не можел да ја научи брајовата азбука бидејќи прстите на преостаната рака му останале без осет за допир. Просветлувањето му започнало кога видел како делумно слеп наставник одлично работи со компјутер преку гласовни команди.
„Сфатив дека морам да направам хардверот да работи по моја волја.“
Јевгениј научил кодирање диктирајќи на памет научени команди и замислувајќи си во главата цели страници. Не за да прави пари, туку за да си го олесни сопствениот живот. Од обичен софтвер набрзо преминал на смартфони.
Сега е втора година на „Далекуисточниот федерален универзитет“ во Владивосток каде со помош на лабораторијата и тамошниот кадар има далеку подобра контрола над неговата бионичка рака.
Но, она кон што се стреми е нов пар очи кои би му овозможиле повторно да гледа. Постоечките бионички очи чинат околу 150 илјади долари и работат на принципот на праќање слики преку камера поврзана со имплант во ретината. Јевгениј сака да направи нешто сосема поинакво: очи кои директно ќе реагираат на фотоните, вистинска замена за комплицираната работа на човековото око.
„Не планирам да го живеам животот без вид“, вели тој.
На Јевгениј му е јасно дека не се вклопува перфектно во општеството, не само поради недостатоците кои ги има туку и поради необичната музика која милува да ја слуша, како на пример калифорнискиот хевиметал бенд Avenged Sevenfold. Верува дека од несреќата добил и една придобивка, односно дека нешто се пореметило во неговиот мозочен биоритам бидејќи едвај спие по два часа на ден, а воопшто не се чувствува уморен.
Јевгениј стана познат во Русија дури во март годинава откако вметна микрочип помеѓу палецот и показалецот и покрај тоа што таков хируршки зафат е забранет во Русија. Со бионичката рака и микрочипот, тој е сега официјално трансхуманист.
„Ми се допаѓа идејата дека вештачката интелигенција ќе ја надмине човечката во наредните децении така што дури и ќе станеме неважни за нив. Ќе бидеме како што се мравките за нас: ќе си живееме одделно без да си сметаме едни на други. Не верувам дека вештачката интелигенција ќе биде заинтересирана да завладее со светот.“