Американските воени претставници побараа помош од јавноста за пронаоѓање на борбен авион F-35 откако му се изгуби трага некаде над Јужна Каролина кога пилотот се катапултирал, пишува The Guardian.

„Пилот безбедно се катапултираше од Lockheed Martin F-35 Lightning II над Северен Чарлстон во неделата попладне по несреќа“, соопштија воени претставници, а потрагата по неговиот исчезнат авион сега е фокусирана на две езера северно од Северен Чарлстон.
„Пилотот безбедно падна со падобран во Северен Чарлстон околу 14 часот и беше пренесен во локална болница, каде што е во стабилна состојба“, изјави мајор Мелани Салинас. Името на пилотот не е објавено.
„Врз основа на локацијата и планот за летање, Lockheed Martin F-35 Lightning II би можел да биде некаде околу езерото Мултри или езерото Мерион“, рече наредникот Хедер Стентон. Двете езера се наоѓаат северно од Северен Чарлстон и таму сега е насочена потрагата.
Локалната конгресменка Ненси Мејс прашува како е можно да се изгуби авион.
„Како, по ѓаволите, губите F-35? Како тоа нема уред за следење? Што бараме сега? Јавноста да го најде и да го врати?“, праша таа.