Американците ја совладаа Полска, но и покрај тоа се изборија само за својот најслаб пласман во историјата на мундијалите.
Со 87:74 американските кошаркари ја победија репрезентацијата на Полска која во Кина беше едно од најпријатните изненадувања.
Донован Мичен забележа 16 поени и 10 асистенции, Џо Харис постигна 14 поени, Крис Мидлтон 13, а Дерик Вајт 12. Најефикасен на натпреварот сепак беше полски кошаркар и тоа беше Матеуш Понитка со неговите 18 поени. Кај Полјаците се истакна и Ај-Џеј Слотер со 15 поени, всушност натурализиран Американец.
За Полска осмото место е сепак одличен пласман со оглед на тоа што репрезентацијата првпат по 1967 година учествува на Мундијал. Всушност, тоа досега им беше и единствен настап, а тогаш во Уругвај беа петти.
Американците дојдоа во Кина со втор или можеби дури и трет тим откако најдобрите кошаркари поради повреди не беа во можност да настапат. Сепак, се очекуваше многу повеќе со оглед на тоа што сите доаѓаат од најсилната лига на светот. Се прогнозираше финале, а на крајот САД заврши со најлош пласман во својата историја. Претходно најлош пласман им беше шестото место во 2002 и тоа на домашен терен.