Свет

САД: Тинејџерки уапсени за планирање на девет убиства

20. април 2019 - 16:33 | А.С.

Две тинејџерки беа уапсени во Флорида, САД под сомнение дека планирале да убијат девет луѓе, објавија американските медиуми.

Двете девојки на возраст од 14 години, ученички во основното училиште Ејвон Парк, биле уапсени во средата, откако наставничка во училиштето нашла папка со листови на кои девојките наводно ги запишале плановите како да ги убијат луѓето.

На осум листови хартија биле запишани детални планови како да ги извршат убиствата и да се ослободат од телата потоа.

Двете девојки се во притвор и се чека нивно сослушување пред суд. Двете се товарат по девет точки за заговор за убиство и заговор за киднапирање.

Наставничката наводно забележала дека девојките се однесувале „хистерично“ додека ја барале папката со листовите и наводно ги наслушнала додека разговарале и едната рекла „Ќе им кажам само дека сме сакале да направиме пренк, во случај да ми се јават или ако ја најдат.“

Наставничката подоцна ја нашла папката на која пишувало „Приватни информации“, „Не отворај“ и „Проект 11/9“.

Внатре, во ракопис биле запишани листа со имиња на наводните мети и детални планови за тоа како ќе бидат убиени.

Исто така било запишано како да набават огнено оружје и да ги уништат доказите со палење, а потоа да ги закопаат телата.

Во друга белешка девојките запишале што ќе носат кога „ќе ја извршуваат задачата“.

„Никако вештачки нокти. Косата задолжително покриена откако ќе се облечеме за задачата“, пишувало во белешката.

„Дури и да го планирале ова како шега, сепак е важно“, рече портпаролот на училиштето Скот Дресел.

„Ова не е тема за шегување. Не се шегуваш за тоа како ќе убиваш луѓе“, рече тој.

Коментирај