Египетскиот напаѓач Мохамед Салах е исклучително погоден од тоа што неговиот Ливерпул следната сезона ќе игра само во Лига Европа.

Имено, Салах се огласи веднаш по синоќешната победа на Манчестер Јунајтед над Челси (4:1), по која Ливерпул и математички ги загуби шансите за пласман во елитната Лига на шампиони.
Ова воедно е прв пат Ливерпул под водство на Јирген Клоп да не се пласира во Лигата на шампионите.
„Целосно сум уништен. Нема апсолутно никакво оправдување за ова. Имавме сѐ што ни требаше за да влеземе во Лигата на шампионите следната сезона и не успеавме. Ние сме Ливерпул и влегувањето во Лигата на шампионите е минимум. Жал ми е, но премногу е рано за охрабрувачки или оптимистички пост. Ве изневеривме и вас и самите себе“, напиша Салах.
„Црвените“ се надеваа на чудо, дека сезонава грогираниот Челси ќе успее да се надмине себеси и да слави на гости кај Јунајтед, што, нормално, не се оствари.
Дали непласирањето во Лигата на шампионите ќе влијае на останувањето на Салах во Ливерпул, останува да видиме.
Минатото лето тој потпиша нов договор кој го врзува со клубот од „Енфилд“ до јуни 2025 година, а неговата пазарна вредност се проценува на 70 милиони евра.