Во рамките на тринаесеттото издание на манифестацијата „Бела ноќ“, која оваа година ќе се одржи на 7 октомври, во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде поставена изложбата на графики од генијалниот Салвадор Дали, насловена „Помеѓу ѕвездите и басните“.
Оваа колекција е сочинета од дела од опусот „Вечерите на Гала“, „Божествената комедија“ и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена „Жена жирафа“ или вкупно 29 дела од најголемиот надреалист.
Шпанскиот уметник ги илустрирал познатите басни како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот двор“, „Болниот елен“. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет.
Изложбата е организирана во соработка со уметничката галерија Висконти од Љубљана и Централноевропскиот културен центар од Нови Сад и претставува серија од единаесет нумерирани и потпишани графики, кои ги илустрираат басните на Жан де ла Фонтен, како и неговиот портрет, виден со очите на Салвадор Дали и тринаесет графики од серијата „Зодијак“.
Изложбата ќе биде поставена до 7 ноември.