Пол Погба ја продолжи агонијата на повреди од Манчестер Јунајтед, кратко по пристигнувањето во клубот од Торино.
Од Јувентус излегоа со соопштение со кое ја потврдуваат повредата и неколкунеделното отсуство на Погба од зелениот терен. Францускиот играч заработил лезија на латералниот менискус во коленото на десната нога, по што ќе замине на специјалист за да се процени дали ќе мора да оди на операција или ќе помине без нож.
Доколку станува збор за полесна лезија, ќе може да ја среди со конзервативно лекување и ќе биде во аут две до три недели. Но, доколку е потребна хируршка интервенција, тоа ќе значи многу подолго отсуство - два до три месеца.
За навивачите на Јувентус повредата на Погба во претсезонските подготовки е голем удар, но за оние на Манчестер Јунајтед не е никакво изненадување. Имено, Погба минатата сезона во дресот на „Црвените ѓаволи“ настапи на само 27 натпревари во сите натпреварувања и тоа поради најразлични повреди: од мускулни проблеми на бутот, тетивата и потколеницата, до истегнување на глуждот.
Погба не отпатува со соиграчите за Далас каде Јуве вечер во 2:30 по полноќ ќе игра пријателска против Барселона. Сега работата е дали ќе биде подготвен за почетокот на сезоната во Серија А - Јуве на 15 август отвора дома против Сасуоло.