Моделот со свитлив екран на Samsung, наречен Galaxy Fold, неделава требаше да биде премиерно претставен на пазарот во Кина. Но, изгледа дека Кинезите ќе мора да почекаат уште некое време, бидејќи од Samsung официјално беше објавено дека премиерните настани се привремено одложени.
Според изјавите на извори блиски до компанијата, Samsung ја одложил премиерата на Galaxy Fold поради проблеми со локацијата и организацијата на настанот. Инаку, премиерата беше закажана за 23 и 24 април (вторник и среда).
Galaxy Fold е еден од првите телефони со свитлив екран кои требаше да се појават на светскиот пазар, но неодамна пристигнаа секакви критики на негова сметка – некои велат дека не функционира како што треба, други тврдат дека екранот трепка додека се користи, а најголемиот дел од нив имаат проблеми со кршливоста на телефонот кога тој се превиткува.
Од компанијата Samsung засега нема официјални податоци дали се презема нешто во врска со расипаните уреди кои се појавуваат во сѐ поголем број. Оттаму тврдат дека премиерата на телефонот во САД и понатаму е планирана за 26 април, без разлика што ќе се случи во Кина.
Како еден од најголемите новитети на пазарот на смартфони, Galaxy Fold доаѓа во прилично атрактивно пакување, но и со висока цена од 2.000 долари за примерок. Проблемите кои беа пријавени од корисниците кои веќе имале шанса да го користат уредот сигурно нема да му донесат добар публицитет на Samsung, кој и понатаму се опоравува од ударот нанесен поради „експлодирачките“ батерии на моделот Galaxy Note 7.
Се разбира, не мора да значи дека одложувањето на кинеската премиера на телефонот е некако поврзана со проблемите на Galaxy Fold кај некои од корисниците. Новиот модел ќе се појави на пазарот, порано или подоцна, а веднаш по него го очекуваме и Huawei Mate X.