Како и обично кога компанијата не е доволно застапена низ светот на новитетите на интернет, се случува некакво „случајно и мистериозно“ протекување на информации околу некој од новите производи на Samsung. Овојпат, тоа беше случај со смартфонот Galaxy Note 10, чии фотографии синоќа се појавија на интернет.
Фотографија од уредот, заедно со името Galaxy Note 10 до неа, беше „случајно“ покажана преку слајд на неодамнешната презентација на Samsung во Сеул, Јужна Кореја.
TechRadar веднаш ја забележа фотографијата и ја сподели на интернет, но бидејќи никому не му е дозволено објавува официјални фотографии од овој настан, претставниците на Samsung не сакаа да потврдат дека се работи за конечниот дизајн на Galaxy Note 10. Според нив, се работи за рендер на „пробен уред“.
На истиот настан извршниот директор на Samsung, Ди Џеј Кох, се обрати пред публиката со зборовите „...нашиот Note 10 ќе претставува нова фаза за Bixby“, што алудира на тоа дека уредот кој се појавува на фотографиите е всушност оној Galaxy Note 10 за кој зборува Кох.
Гласините велат дека официјално ќе дознаеме за дизајнот и спецификациите на новиот Galaxy Note 10 на настанот кој ќе се одржи на 7 август во Њујорк. Се очекува тој да биде достапен во две различни големини, а барем едната од нив ќе поддржува 5G мрежа.