Маурицио Сари донесол одлука да остане во Лацио до 2025 година, но очекува клубот да почне сериозно да инвестира во играчкиот кадар.

Познатиот италијански новинар Алфредо Педула откри дека поранешниот тренер на Наполи, Јуве и Челси постигнал договор со клупскиот претседател Клаудио Лотито за продолжување на соработката, но под еден услов: клубот да инвестира во играчкиот кадар.
Проектот на Сари во Лацио почна летоска, но на стратегот му стана јасно дека со сегашниот играчки кадар, Лацио е неконкурентен во Серија А и не може да се носи со водечките клубови. На состанокот со сопственикот Лотито и директорот Игли Таре, Сари рекол дека ќе ја продолжи соработката само доколку решат да инвестираат за тимот да биде конкурентен.
Сари дури им им побарал засилувања на одредени позиции и тоа голман, лев бек, средина и партнер во нападот за Чиро Имобиле. Но, проблемот е што за да купува, Лацио мора да продава.
Најболната точка во тимот е левата дефанзивна латерала каде Сари покрива со десноноги играчи како Елсеид Хисај и Адам Марушиќ.
Првиот кој може да си замине уште во јануари е Косоварот Ведат Муриќи, кој ја игра втората сезона во клубот, но не се снаоѓа. Лани на 27 натпревари во Серија А постигна само 1 гол, а сезонава сѐ уште не ја затресол противничакта мрежа.
Освен Муриќи, се очекува да си заминат и Денис Вавро, Џони и Џордан Лукаку.
Се очекува Сари да потпише нов договор до јуни 2025 година, а втората варијанта е до јуни 2024 со опција за плус една година.