Рестораните во Саудиска Арабија повеќе нема да мораат да имаат одвоени влезови за мажи и за жени, соопшти Министерството за локален развој и рурални прашања во таа земја, пренесува Reuters.
Портпаролот на Министерството изјави дека новите прописи не се задолжителни, што значи дека рестораните можат да ги задржат посебните влезови ако сопствениците тоа го сакаат. Тој не објасни дали ќе биде укинат системот на раздвоен распоред на седење на мажи и на жени. Претходно, сите ресторани во Саудиска Арабија мораа да имаат одвоени влезови за мажи и за жени.
Според строгите прописи на таа земја, мажите и жените кои не се во роднинска врска не смеат да бидат заедно на јавни места, а за почитување на тие правила е задолжена верска полиција.
Принцот Мухамед бин Салман почна да воведува реформи во Саудиска Арабија и ублажи некои рестрикции во земјата, меѓу нив и забраната за жените да возат автомобили. Сегрегацијата на јавни места во изминатите година дена е намалена, па во кафулињата, рестораните и центрите за конференција тоа правило не се применува толку строго.
Саудиска Арабија полека го напушта и строгиот систем според кој жените за сите важни одлуки мораат да имаат дозвола од мажите.