Бизнис

Саудиска Арабија: САД не се во позиција да му кажуваат на ОПЕК што да прави

6. декември 2018 - 18:05 | А.С.

Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и саудискиот принц Мохамед бин Салман на маргините на самитот Г20 во Буенос Аирес во врска со производството на нафта и проблемите со цената, стави крај на несигурноста на пазарот на нафта, откако цените паднаа на најниско ниво во изминативе осум месеци кон крајот на ноември поради прекумерното производство.

„Не ни треба дозвола од никого за да воведеме намалување на производството“, рече саудискиот министер за нафта Халид ал-Фалих пред средбата на ОПЕК денес во Виена, на прашањето дали Ријад добил дозвола од американскиот претседател Доналд Трамп да го намали производството на нафта.

„САД не се во позиција да ни кажуваат што да правиме“, рече тој еден ден откако Трамп побара од ОПЕК да продолжи со засилено производство за да се турнат цените надолу.

Саудискиот министер исто така нагласи дека неговата земја смета дека намалувањето на производството од 1 милион барели дневно е „адекватно“ и дека Саудиска Арабија е подготвена да ги ислуша сите понудени опции.

Минатата недела, советодавната комисја на ОПЕК препорача да се воведе намалување на производството од 1,3 милиони барели дневно во споредба со нивото од октомври, 2018 за да се избалансираат побарувачката и производството во 2019 година и да се одбегне понатамошно потресување на пазарот на нафта.

Коментирај