Саудиска Арабија, покрај спроведувањето на низа политички реформи, многу активно работи и на реализација на економски и други проекти кои ќе ја претстават земјата во малку поинакво светло.
Еден од таквите проекти се однесува на реновирање и реставрација на поранешните кралски палати, вклучувајќи ја и поранешната резиденција на кралот Сауд бин Абдулазиз и оние кои угостуваа меѓународни личности, како што се поранешниот американски претседател Ричард Никсон и покојната принцеза Дијана.
„Угостителската компанија во сопственост на Фондот за јавни инвестиции, Boutique Group, преобразува неколку палати низ Саудиска Арабија во суперлуксузни хотели како дел од туристичките планови во рамките на 'Визија 2030'“, се вели во соопштението.
Трите палати кои се подложени на реновирање ги вклучуваат Црвениот дворец (القصر الأحمر), палатата Туваик (قصر طويق) во Ријад и палатата Ал Хамра (القصر الحمراء) во Џеда.
„Секој од овие имоти нуди уникатен прозорец кон огромната култура и наследство на Саудиска Арабија и разновидноста на регионите“, рече директорот на Boutique Group, Марк Де Косинис.
Кога станува збор за палатите, палатата Ал Хамра датира од 60-тите и првично била изградена како кралска резиденција на кралот Фајсал бин Абдулазиз.
Палатата Туваик се наоѓа во дипломатскиот кварт на Ријад.
„Ова е едно од најценетите архитектонски знаменитости на Ријад, а дизајнот вклучува елементи на пустинска тврдина и бедуински шатор“, нагласува Де Косинис.
Според Де Косинис, Boutique Group има за цел да го збогати културниот сектор на Кралството, а истовремено да придонесе за растот на туристичката индустрија во земјата и пошироката економија.
Туристичкиот сектор на Саудиска Арабија доживува значителен раст, а седум години претходно Кралството ја надмина својата визија за 2030 година од 100 милиони посетители.
„Саудиска Арабија со години е позната во светот по својата извонредна традиција на гостопримство. Ова е нешто што живее и дише во секој агол од нашата понуда и нè издвојува од другите оператори во ултралуксузниот сектор“, вели директорот.