Во неодамнешно интервју за Entertainment Weekly, Николас Кејџ се потсети на драматичните ситуации што ги доживеал додека се подготвувал за новиот психолошки трилер The Surfer.

Кејџ потврди дека речиси го загубил животот за време на часовите по сурфање на кои присуствувал за потребите на снимањето. Во филмот, кој моментално се прикажува во кината низ САД, тој игра бизнисмен кој се враќа во Австралија за да го купи назад домот од детството затоа што сака да сурфа со својот син.
Неговата носталгија наидува на неочекувана пречка кога група насилници му го блокираат пристапот до плажата и ја претвораат неговата потрага по мир во кошмар.
Режисерот Лоркан Финеган и сценаристот Томас Мартин создадоа темна и напната приказна за губењето на контролата, идентитетот и разумот, а подготовката за улогата се покажа подеднакво интензивна и за самиот Кејџ.
Зборувајќи за предизвиците со кои се соочил додека учел да сурфа, Кејџ признава дека искуството особено го исплашило, пренесува Variety.
„Имавме проблеми со временските услови, па дури и пријавивме видувања на ајкули, верувале или не“, рече Кејџ.
За време на еден од неговите часови, бил фатен во опасна морска струја.
„Се превртував во водата, можеше да се види само врвот на мојата даска како штрчи од водата. Во сурфањето го нарекуваат 'надгробен споменик'. Се држев за безбедносното јаже на даската додека морето ме превртуваше под вода и мислев дека можев да умрам. Сега имам мал син и не знам дали сакам повеќе да се изложувам на овие опасности“, тврди тој.
Кејџ призна дека сепак не се откажал целосно од сурфањето.