За време на гостувањето во емисијата Live with Kelly and Mark во вторникот вечерта, американскиот актер Силвестер Сталоне на шега изјави дека сè уште не може да се пензионира бидејќи мора да ја финансира свадбата на ќерка му Софија – изјава што ја насмеа публиката во студиото.
Водителката Кели Рипа го праша својот гостин колку пари планира да потроши за свадбата на својата триесетгодишна ќерка, пренесе списанието People.
„Речиси ми е непријатно да го кажам тоа, но не можам да се пензионирам“, одговори актерот, повторувајќи ја изјавата. „Не, сериозен сум!“, додаде тој низ смеа.
Софија ја соопшти својата свршувачка со момчето Мајкл Шихан на 28 август. Тогаш таа сподели фотографии од романтичното запросување на Instagram со натпис: „Засекогаш со мојот најдобар пријател“.
Во емисијата, Слај го пофали својот иден зет, нарекувајќи го „одличен дечко“. Тој исто така откри дека Шихан побарал благослов од него пред да ја запроси Софија. „Всушност, тој ја побара нејзината рака“, рече актерот, на што водителката се пошегува дека младиот човек сигурно бил „преплашен“.
Во разговорот потоа се вклучи и водителот Марк Консуелос, потсетувајќи на познатата сцена од филмот Rocky II во која ликот на Сталоне, Роки Балбоа, ја запросува Адријан. Тој на шега го праша актерот дали неговиот иден зет го поставил прашањето на сличен начин како во сцената од филмот. Сталоне одговори со уште една филмска референца, шегувајќи се дека Шихан ветил оти нема да остава влакна во мијалникот – ветување што Роки ѝ го дава на Адријан во филмот.
Актерот додаде дека неговиот иден зет бил многу самоуверен кога дошол да разговара со него, иако неговата сопруга, Џенифер Флавин, сепак морала да биде присутна за да помогне во опуштањето на атмосферата.
Силвестер и Флавин се во брак од 1997 година. Тие ги имаат ќерките Софија, Систин (28) и Скарлет (24). Ѕвездата на филмовите Rambo има и два сина со првата сопруга, Саша Зак: Серџо (47) и Сејџ, кој почина во 2012 година на 36-годишна возраст.
Во интервју за Paris Match од 2012 година, Флавин (58) откри дека од трите ќерки што ги има со актерот, Софија најмногу личи на татко ѝ.
„Тие имаат многу посебна врска. Размислуваат слично, па дури и имаат исти манири. Софија е љубовта на неговиот живот“, изјави таа.