Холивуд продолжува со преработка на класици, а следен во низата е The Bodyguard („Телохранител“), филм од 1992 година кој се здоби со култен статус благодарение на Кевин Костнер и Витни Хјустон во главните улоги.
Warner Bros. потврди дека се работи на римејк, а проектот ќе го води режисерот Сем Вренч, познат по документарниот филм Taylor Swift: The Eras Tour, со сценарио на Џонатан Абрамс.
Првите најави за освежување на овој блокбастер се појавија во 2021 година, кога драматургот Метју Лопес работеше на сценариото, но плановите во тоа време „закочија“. Сега директорите на студиото Мајкл Де Лука и Памела Абди се решени да ја вратат приказната за музичката ѕвезда и нејзиниот телохранител на големото платно.

Оригиналниот „Телохранител“ беше светски хит, вториот најуспешен филм од 1992 година, веднаш зад „Аладин“ на Disney. И покрај седумте номинации за Златна малина, вклучувајќи ги и најлош филм и најдобар актер, филмот ја освои публиката и неговиот саундтрак стана најпродаваниот филмски албум на сите времиња.
Беше особено запаметен по Витни Хјустон и нејзината незаборавна изведба на песната „I Will Always Love You“, што дополнително го зацврсти нејзиниот статус на музичка икона и го продлабочи нејзиното пријателство со Костнер, кој зборуваше на нејзиниот погреб во 2012 година.
Сè уште нема информации за актерската екипа, но многумина се прашуваат дали новата актерка, која ќе ја преземе улогата на пејачката Рејчел Марон, ќе се обиде да ја реинтерпретира легендарната песна или ќе се одлучи за поинаков пристап за да избегне споредби со класикот на Хјустон. Одговорот на тоа прашање може да дојде наскоро, а публиката со нетрпение очекува како овој римејк ќе ја оживее приказната што ја одбележа филмската и музичката историја.