Актерот Метју Лилард неодамна зборуваше за својот однос на љубов и омраза кон франшизата Scooby-Doo, која, и покрај огромниот комерцијален успех, истовремено означи и тежок период во неговата кариера.
За време на гостувањето во видео-серијалот на Variety насловен „Know Their Lines“, Лилард откри дека по улогата на Шеги во играниот филм Scooby-Doo од 2002 година, очекувал да стане голема филмска ѕвезда.
Филмот заработи 275 милиони долари ширум светот, но продолжението од 2004 година, Scooby-Doo 2: Monsters Unleashed, доживеа неуспех на кино-благајните, со што згаснаа неговите надежи за понатамошен залет во кариерата.
„Чувствував огромен притисок да не бидам лош. Тоа беше првиот голем филм во кој играв главна улога и претставуваше огромна можност за мене. Имав чувство дека Scooby-Doo е тој голем филм – дека ќе продолжам понатаму и ќе станам голема филмска ѕвезда. А сепак, токму во тој период – по вториот филм – мојата кариера долго време стагнираше. Си мислев: ’Можеби сум еден од оние ликови од 90-тите што никогаш не успеваат да се вратат на сцената‘. Имав однос на љубов и омраза кон тој филм бидејќи го обвинував Scooby-Doo. Си велев: ’Затоа не работам‘“, изјави Лилард.
Лилард глумеше во филмовите заедно со Фреди Принц Џуниор (Фред), Сара Мишел Гелар (Дафни) и Линда Карделини (Велма).
Актерот призна дека долго време ја обвинувал франшизата за тешкотиите во кариерата, иако сега смета дека учеството во тие филмови му помогнало да ги надмине финансиските проблеми.
„Долго време чувствував одбивност кон филмот Scooby-Doo, но никогаш не зажалив што го снимив, бидејќи реалноста е дека ако не ги заработев парите од тој филм, немаше да преживеам. Сопругата и јас ќе моравме да продадеме сè. На крајот, навистина продадовме многу работи. Ги продадовме автомобилите, ја продадовме куќата. Во суштина, ги намаливме трошоците за да можеме да водиме поскромен живот. И сопругата се врати на работа, а тоа беше вистинска пресвртница за мене. Пред тој филм, имав чувство дека сум важна фаца бидејќи снимам толку многу филмови. Но, реалноста беше поинаква. Отсекогаш сум бил карактерен актер, а мислев дека сум нешто повеќе. Тој филм навистина ме приземји – нешто за што сега сум многу благодарен“, рече тој.
Лилард го заработи најголемиот хонорар во кариерата за улогата во продолжението. Минатата година, во разговор за Business Insider изјави дека очекувал филмот да доживее огромен успех и да му го зацврсти статусот на водечки актер во наредната деценија. Сепак, се случи спротивното и тешко наоѓаше главни улоги.
„Бев опседнат со желбата да станам славен“, призна Лилард, истакнувајќи дека морал да се откаже од таа потрага по слава за да може повторно да ја изгради својата кариера како карактерен актер.
Оваа промена во гледиштето му овозможи да постигне успеси што претходно не ги очекувал. Покрај тоа што продолжи да го позајмува гласот на Шеги во разни анимирани филмови за Scooby-Doo, доби и споредни улоги во филмовите The Descendants (кој освои Оскар) и во Trouble with the Curve на Клинт Иствуд.
Кариерата на Лилард доживеа пресврт благодарение на улогата во Scream од 1996 година, првиот филм на оваа франшиза, каде го глумеше Сту Макер, еден од убијците. По 30 години, на големо задоволство на публиката, годинава се појави во Scream 7 играјќи го истиот лик.