Свечениот црвен фустан во кој Тамара Тодевска настапи по повод 35 години независност на Република Македонија, создаден од брендот Alex Fox, ќе биде дониран на добротворната модна аукција „Fashion with a Cause“. Со тоа, креацијата што веќе има своја сценска и национална приказна, ќе добие уште поголема вредност: да помогне на луѓе кои се соочуваат со болест, попреченост или недостапна правна помош.
Аукцијата, годинава во нејзиното четврто издание, ќе се одржи на 31 октомври 2026 година, сабота, од 11:30 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје. Настанот го организираат Конект и Моден Викенд Скопје, под покровителство на Амбасадата на Франција и со поддршка од Фондацијата „д-р Верица Механџиска“, оваа година во формат на модно матине. Церемонијал мајстор на аукцијата ќе биде актерот Атанас Атанасовски, а во водењето на настанот ќе му се придружи и поетесата и културна работничка Ивана Јовановска.
Програмскиот директор на Конект, Виктор Мирчевски, рече дека соработката со Тамара Тодевска се случила сосема природно, бидејќи таа веќе е меѓу уметниците кои активно се вклучуваат во хуманитарни иницијативи.
„Славата ни дава внимание, но она што го правиме со него ја одредува суштината на нашиот личен бренд и трагата што ќе ја оставиме во времето“, рече Мирчевски.
Според него, гестот на Тамара го удвојува значењето на фустанот, бидејќи преку аукцијата директно помага на млади со попреченост, на сограѓани кои преживеале мозочен удар и на луѓе кои се борат за пристап до правда.
Оваа година во аукцијата учествуваа 23 дизајнери и уметници, кои донираа модни парчиња и додатоци, а дел од нив доброволно дадоа и професионални услуги. Сите собрани средства ќе бидат насочени кон три каузи:
ХОУП – за првиот специјализиран Центар за лица со афазија по мозочен удар.
КРИК – за подобрување на условите за живот и можностите на младите со попреченост.
Коалицијата „Сите за правично судење“ – за правна помош за луѓе кои не можат да си дозволат адвокат.
Мирчевски нагласи дека средствата од претходните изданија на аукцијата веќе придонеле за поддршка на граѓански организации чија работа помогнала на повеќе од 1.000 луѓе. Преку Донаторскиот фонд и платформата opop.mk, Конект сака ваквите гестови да не останат изолирани моменти, туку да станат континуирана поддршка за заедницата.
„Не мора секогаш да организирате голем хуманитарен концерт за да направите разлика. Понекогаш е доволно да отстапите нешто свое, да ја споделите својата приказна или да ја искористите својата препознатливост за кауза во која верувате“, рече Мирчевски.
Црвениот фустан на Тамара Тодевска, создаден за еден од најсвечените национални моменти, на 31 октомври ќе ја започне својата нова мисија – да биде доказ дека убавината, модата и уметноста можат да остават трага и во животите на луѓето кои можеби никогаш нема да ги запознаеме, вели тој.
Тамара Тодевска и дизајнерката Александра Филипова одлучија фустанот да го даруваат за благородната цел, а од Alex Fox е донирирана и уште една креација – капут од најновата колекција. Според дизајнерката, изборот на природен материјал носи порака за квалитетни, трајни и безвременски модни парчиња.
Фустанот е создаден во интензивна црвена нијанса, од материјал со висок сјај и еластичност, со цел да даде силна, женствена и скулптурална силуета. Нагласената половина и драматичните ракави создаваат изразит визуелен ефект, со кој Тамара Тодевска се издвои на свечениот настап по повод роденденот на Републиката.
Александра Филипова, основачка и креативен директор на BlackBello и Alex Fox, објасни дека инспирацијата дошла и од самата пејачка, и од значењето на настанот. Иако креацијата беше реализирана за многу кратко време, таа вели дека таквите предизвици понекогаш ја ослободуваат најголемата креативна енергија.
„Од самиот почеток знаевме дека фустанот треба да биде впечатлив на сцена, но и доволно безвременски за да продолжи да живее и по настапот“, рече Филипова, додавајќи дека модата треба да прави повеќе од создавање убавина.
Таа истакна дека е особено драго што фустанот, создаден за свечен и значаен момент, сега ќе добие нов живот и хумана вредност.
„Верувам дека модата и уметноста имаат уште поголема вредност кога се во служба на хуманоста. Со Alex Fox одлучивме овој прекрасен црвен фустан да добие нова приказна и, пред сè, благородна цел. Среќна сум што можам да бидам дел од ваква иницијатива“, изјави Тамара Тодевска.
За пејачката, вклучувањето на јавните личности во хуманитарни иницијативи не е само можност, туку и одговорност.
„Сметам дека јавната препознатливост носи и одговорност. Ако со нашиот глас и влијание можеме некому да помогнеме, да поттикнеме солидарност или да направиме позитивна промена, тогаш треба да го правиме тоа почесто“, рече Тамара.
Таа се надева дека фустанот ќе привлече голем интерес на аукцијата и ќе собере што повеќе средства. Во меѓувреме, Тодевска интензивно се подготвува за концертот „25 години љубов“, закажан за 7 декември во арената „Борис Трајковски“.
„Ќе ги пееме песните со кои растевме заедно, но и за првпат концертно ќе го претставам мојот нов проект 'Кукла жива'. Едвај чекам да ја споделам таа вечер со публиката!“.