
Босанскиот музичар Горан Бреговиќ и руско-литванската пејачка Кристина Орбакаите се прогласени за непожелни личности во Латвија. Оваа информација ја потврди министерот за надворешни работи Рихардс Козловски за време на гостувањето на латвиската телевизија.
И двајцата се на црната листа според препораките на Службата за државна безбедност (VDD).
„Главната причина е поддршката за агресијата против Украина и учеството на јавни настани на окупираните територии. Латвија ја поддржува Украина и така и ќе продолжи, па затоа тоа за нас во овој случај е дефинитивно неприфатливо“, рече Козловски.
Според информациите достапни на VDD, Бреговиќ од 2014 година имал неколку настапи во окупираниот Крим. Се анведува дека тој често јавно изразувал поддршка за Русија, ширејќи дискредитирачки пораки против западните земји.
Орбакаите настапувала во Крим по окупацијата и учествувала во разни руски пропагандни кампањи.
„Според проценката на VDD, постапките на лице кое ја поддржува руската агресија во Латвија не се во интерес на националната безбедност на нашата земја бидејќи може да предизвикаат меѓуетнички тензии во латвиското општество“, соопшти VDD.
И двајцата изведувачи требаше летово да настапуваат во Латвија, а влезниците веќе се во продажба. Се очекува концертите да бидат откажани. VDD и Министерството за надворешни работи ги повикаа организаторите на настаните да обрнат внимание на гостите кои настапуваат – ако некој од нив настапува во Русија или на нејзини окупирани територии во Украина, тоа се смета за поддршка за руската агресија и воени злосторства.
Минатата година беа додадени 480 странци на црната листа на Латвија по препорака на безбедносните служби, објави lsm.lv.