Холандија нема да учествува на Евровизискиот натпревар и следната година, соопшти јавниот радиодифузен сервис на земјата, велејќи дека популарното музичко натпреварување „веќе не може да се смета за неутрално“ со оглед на поделбите создадени од војната во Газа.
„Не може да се негира дека меѓународните конфликти сè повеќе влијаат на натпреварувањето, поткопувајќи го неговиот неутрален карактер. Затоа, Евровизискиот натпревар стана платформа за поделби“, рече Тако Зимерман, извршен директор на AVROTROS.
Да потсетиме дека Евровизија неодамна се соочи со бојкот поради учеството на Израел.
Организаторите претходно месецов објавија дека земја вклучена во вооружен конфликт не може да биде домаќин на натпреварувањето.
„Сепак, неодамна објавените промени... не даваат доволна гаранција дека независниот и неутрален карактер на Евровизискиот натпревар е обновен“, се вели во соопштението на AVROTROS.
Холанѓаните имаат 5 победи на Евровизија од 1957, 1959, 1969, 1975 и 2019 година, а досега не учествувале на само 5 изданија (1985, 1991, 1995, 2002 и 2026).
Израел беше блиску до победа на натпреварувањето и во 2025 и во 2026 година, но двата пати заврши на второто место.
Евровизија следната година ќе се одржи на 15 мај во бугарскиот црноморски град Бургас.
Ова ќе биде првпат оваа балканска земја да биде домаќин, по победата на пејачката Дарина Јотова, позната како Дара, со песната „Bangaranga“.
Од своето лансирање во 1956 година, Евровизија стана најголемата платформа за поп-музика, лансирајќи ги шведските икони ABBA на светската сцена, но исто така придонесе за популарноста на уметници како Селин Дион, Клиф Ричард и Оливија Њутн-Џон.
Откако пет земји го бојкотираа натпреварувањето поради учеството на Израел, овогодишната програма ја гледаа 131 милион гледачи, 35 милиони помалку од претходната година.
Холандија, Исланд, Шпанија, Ирска и Словенија се повлекоа од Евровизија, а последните три земји одбија и да го емитуваат натпреварувањето. Од други причини лани не учествуваа ниту Андора, Босна и Херцеговина, Македонија и Словачка. За 2027 враќање најави Македонија, додека ќе дебитира Канада.