Македонија

СДСМ: Дрвото на човековите права на местото на Ќосето е потврда на заложбата за владеење на правото на сите

22. февруари 2018 - 15:10 | Макфакс

Засадувањето на Дрвото на човековите права на местото на споменикот на една негативна, односно контроверзна личност, е потврда на заложбата на демократските, прогресивни сили во општеството за владеење на правото и правда за сите, што треба да резултира со создавање  независен, професионален и неселективен судски систем што ќе работи во интерес на граѓаните, велат од СДСМ.

„Отстратнувањето на т.н. споменик на Андон Лазов Јанев-Ќосето, дивоградба бесправно поставена од страна на претходната градска власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, става крај на самоволието и незаконитоста во поставувањето објекти и споменици во Скопје. Заврши времето на своеволно и незаконско поставување споменици коишто служеа за создавање поделби меѓу граѓаните и остварување криминални интереси, спротивни на интересите на граѓаните на Скопје“, велат од СДСМ.

Овој незаконски поставен споменик, велат од партијата, со години предизвикуваше негативни реакции во јавноста и поради локацијата на којашто беше поставен и поради негативната симболика со неговата контроверзна страна на историјата.

„Сосема непринципелно и несоодветно е споменик на контроверзна историска личност, позната по својата суровост, да биде поставена пред зградите на највисоките судски органи во коишто граѓаните ја бараат правдата и ги остваруваат своите граѓански права“, велат од СДСМ.

Коментирај