Фудбал

Се бројат гласовите за Златна топка – Модриќ води, Роналдо не е ни во топ три

10. ноември 2018 - 14:43 | А.С.

Лука Модриќ води во гласањето за Златна топка (Ballon d'Or), престижната индивидуална награда што секоја година ја доделува France Football.

Вчера заврши процесот на гласање, а според француските медиуми, по пребројување на половина од гласовите води Хрватот Модриќ.

Radio France Internationale ексклузивно објави дека Лука Модриќ, по спектакуларната сезона во ланската ЛШ со Реал Мадрид и освојувањето на светското сребро со хрватската репрезентација на Мундијалот во Русија, води по бројот на гласови.

Најголемите ривали на Модриќ за наградата, според Radio France Internationale, Рафаел Варане и Килијан Мбапе, се на второ, односно трето место по бројот на гласови.

Лауреатот за Златна топка што го бираат 200 спортски новинари од целиот свет, ќе биде прогласен на 3 декември во Париз.

Ако ја освои Златната топка, Модриќ ќе ја комплетира збирката највредни индивидуални награди за 2018 година, откако во изборите на УЕФА и ФИФА беше прогласен за најдобар европски играч, односно најдобар играч на Светското првенство во Русија.

Исто така, со освојување на оваа престижна награда, Модриќ би го прекинал десетгодишниот дуопол на Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Коментирај