Фудбал

Се гради моќен Јуве: Алегри ја сака ѕвездата на Реал и срцето на француската репрезентација

19. септември 2018 - 20:07 | М.Д.

Јувентус веќе ги подготвува засилувањата за следната сезона, ако можеме да му веруваме на „Calciomercato“. Италијанскиот фудбалски портал пренесува дека главни желби на клубот од Торино за следната сезона се Иско и Н’голо Канте.

Јувентус ги освои последните седум титули во Серија А, каде се убедливо најдобриот клуб, но најголема цел им е титулата во Лигата на шампионите, нешто што не им успало уште од 1996 година. Оваа сезона го доведоа Кристијано Роналдо, па тој потег сам по себе зборува за тоа колку се сериозни во својата цел.

Иско е исто така играч на Реал Мадрид. Тој стана член на Кралевите во 2013 година, кога дојде од Малага. За Реал досега запиша 245 настапи со 43 гола и 53 асистенции. Неговата вредност на пазарот се движи околу 70 милиони евра.

Уште поскапо би ги чинел Канте, чија вредност се движи околу 80 милиони евра. Французинот го воодушевува фудбалскиот свет уште од 2015 година, кога блесна во Лестер и сензационално ја освои Премиер лигата.

Тогаш го оствари трансферот на кариерата во Челзи, а беше клучен играч и срцето на француската репрезентација, која го освои изминатово Светско првенство во Русија.

Коментирај