Хроника

Се работи на идентификување на двајца администратори и двајца модератори на групата „Јавна соба“

28. јануари 2020 - 12:39 | МИА

Поднесено е барање до компанијата „Телеграм“ со седиште во Лондон да се идентификуваат двајца администратори и двајца модератори на групата „Јавна соба“, а истовремено се прават криминалистички контроли на терен, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Полицијата спроведува криминалистичка контрола на терен и дадени се насоки до инспектори во сите СВР за на терен да се собираат информации за идентификување на лицата кои биле модератори и администратори на групата, но и за сите учесници во групата кои го прекршиле законот „за производство и дистрибуција на детска порнографија“ и „злоупотреба на лични податоци“.

– Сè уште немаме одговор од Телеграм. Сè уште не ни се познати администраторите. Се работи на оперативни активности на терен. Веќе имаме и многу релевантни сознанија за идентификување на дел од луѓето кои ја менаџирале оваа група, но во интерес на истрагата не би одел со конкретни имиња, зошто се е во фаза на истрага, кажа Чулев.

По добивање на информацијата за „Јавна соба“ на Телеграм, посочи тој, било информирано Основното јавно обвинителство и истовремено биле собрани сите информации од групата за профилите.

– Се работи за околу осум илјади членови, чиј број опадна во последниот период. Се работи за околу 800 фотографии и видеа, претежно од Facebook, Instagram и интернет, но има и приватни фотографии и видеа, изјави Чулев.

Нагласи дека биле дадени насоки на инспектори да стапат во контакт и згрижат сите жртви и сите кои ќе пријават дека им се злоупотребени лични податоци.

– Досега има два пријавени случаја, но колку што знаеме се работи за злоупотреба на лични податоци, но не и за член 193 за производство и дистрибуција на детска порнографија. Сè уште не е докажана, но ќе се оди во насока на инкриминирање на сторителите, изјави Чулев.

Прашан дали се повикани некои од имињата посочени во медиумите дека членувале во групата „Јавна соба“, министерот Чулев рече дека веќе работат колегите. Учесниците во Јавна соба, кажа Чулев, користеле многу звучни имиња и сега полицијата врши идентификување дали се тоа навистина личностите за кои се зборува.

– Работат колегите. Пред се ставаме инпут на оние членови кои објавиле компромитирачки материјали, но не и на учесниците. Не може осум илјади луѓе. Не може сите членови да се повикаат, само оние што ги прекршиле законот. Ќе се повикаат најпрво само оние членови кои објавиле компромитирачки материјали, изјави Чулев.

Во однос на тоа дека веќе се формираат нови групи на други медиуми, Чулев кажа дека ги следат и другите групи кои се формираат и дека ќе излезат со дополнителни информации ако има такво нешто. 

Коментирај