Живот

Се разведува милијардерот Џеф Безос – Дали ова ќе биде најскапиот развод во историјата?

10. јануари 2019 - 16:36 | А.С.

Откако во медиумите одекна веста дека основачот на Amazon Џеф Безос се разведува од сопругата, писателката Мекензи Безос, по 25 години брак, она што многумина се прашуваат е – дали ова ќе биде најскапиот развод во историјата?

Голем дел од богатството на Џеф проценето на 137 милијарди долари се должи на неговиот влог од 16% во Amazon. Тој го основа гигантот за е-трговија во 1994 година, една година откако се ожени со Мекензи.

Могулот го надмина Бил Гејтс лани и стана најбогатиот човек на светот.

Во неговото богатство се вклучени и недвижни имоти што двојката ги поседува во Медина, Вашингтон; Беверли Хилс, Калифорнија; Ван Хорн, Тексас; Вашингтон и Њујорк.

Вашингтон, сојузната држава каде гласи официјалната адреса на живеење на Безос, има закон дека сѐ што е стекнато за време на бракот, по разводот им припаѓа подеднакво на двајцата сопружници, освен ако не е поинаку нагласено во предбрачен договор. Не е познато дали Џеф и Мекензи Безос имаат потпишано предбрачен договор.

Ако немаат, Мекензи ќе има право на половина од 137 милијарди долари, во пари, недвижен имот и акции.

Рускиот милијардер Дмитри Риболовлев се најде на насловните страници на таблоидите со разводот во кој според одлуката на швајцарски суд, неговата поранешна сопруга доби 4,5 милијарди долари.

Њујоршката старлета Џослин Вилденстин славно доби разводна спогодба од неверојатни 2,5 милијарди долари кога се разведе од францускиот дилер на уметнички дела Алек Вилденстин.

Еден од најпознатите холивудски разводи беше меѓу актерот Мел Гибсон и сопругата Робин Мур. После 30 години во брак, двајцата се разведоа во 2011 година и Робин доби половина од неговото богатство проценето на 850 милиони долари.

Коментирај