#СедиДома и читај македонска поезија - Снежана Стојчевска

На Светскиот ден на книгата, 23 април,  го почнавме серијалот #СедиДома и читај македонска поезија со кој ќе ги доближуваме современите македонски поети до вас, нашата читателска публика.

Целта ни е да го разубавиме вашето секојдневие со квалитетна содржина, додека истовремено ве запознаваме со македонските поети кои ги сакаме и сакате, а можеби и со оние за кои не сте слушнале досега.

Серијалот го отворивме со поезијата на Ана Голејшка Џикова, а следи Снежана Стојчевска, поетеса во чии стихови ќе најдете најмалку една своја животна приказна преточена во еден мал универзум на емоции.

 

САМО ТОЛКУ

 

Само толку е потребно

да ги допрам своите до твоите гради

срцата да фатат ист ритам

ja пресликуваме среќата

од моите во твоите очи

како во огледало

го гледам најубавото од себе.

 

Ме обвиваш со рацете

и одеднаш доаѓа мир

и светот станува убаво место за живеење.

 

Нема загадување на воздухот

нема политичка криза

нема немаштија, војни

гладни и болни,

оставени, заборавени

разделени, раселени

нема страдање, страв...

 

Толку е потребно

да ме обвиеш со рацете

да ги допрам своите до твоите гради

срцата да фатат ист ритам

и одеднаш доаѓа мир

и светот станува убаво место за живеење.

 

ДЕГУСТАЦИЈА

 

Те воспримам полека,

со очите те допирам

нежно те вдишувам

и замижувам.

 

Внимателно те вкусувам

префинето вино чувано во дабово буре

во визбата на моите мечти.

 

Бавно се отвора, оксидира,

во рапсодија од вкусови декантира,

па ме фаќа за рака и ми раскажува:

за една земја што ја бакнал додолски дожд;

за еден корен што се храни од школките

на одамна исчезнато море;

за едно зрно што се вљубило

во септемвриското сонце;

за едно вино што во секоја голтка крие

бајка.

 

Бакни ме! Вкуси го виното на животот!

Ќе ти рече:

Hello! How are you?

Nice to meet you!

I love you!

 

* * *

При секое наше разделување

има еден момент на тишина

кога низ погледот ми минува тага

како некој да ми украл делче од рожницата.

* * *

SILVER LINING

 

Помина многу време. Заборавив

многу работи што сакав да ти ги кажам

некои луѓе умреа, нови се родија

некои се свршија

многу нешта се сменија

и уште толку останаа исти.

 

Помина многу време

и сега одново треба да ја учиме азбуката на телата

прстите бараат оставени траги по кожата.

И во црна темница ќе ги најдам сите места

на кои некогаш ги калемев бакнежите.

 

Од уста во уста го префрламе зборот

во кој бараме суштина за која ќе се фатиме.

Ми даваш сламка и од неа предам златни нишки

со кои ти ги обрабувам облаците.

 

Најди ги сите значења што ги носам

во сенките се пресликав себеси

и таа мала тајна мапа ти ја скрив во зениците

за да ме пронајдеш, секојпат кога ќе ги затвориш очите.

 

ДАЈ МИ ВРЕМЕ

 

Надвор од оваа реалност

во некој паралелен универзум

можеби сме совршен пар.

 

Во некој паралелен универзум

имаме слика во рамка

над каминот во дневната соба.

 

Во овој сме само мигновна слика

во излозите крај кои минуваме.

 

ОДБЕРИ МЕСТО

 

Мала е рамката за слика

да ја собере сета наша љубов.

 

Ќе ја пуштам слободно да лета

по географската карта на светот.

 

Ти одбери место,

јас ќе појдам со тебе.

Кратка биографија

Снежана Стојчевска (1980) дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 година ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на ИЛИ-ИЛИ, како дел од едицијата „Русалки“, во која се јавува како уредник. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, која ја доделува Домот на културата Кочо Рацин – Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга „Модри фантазии“ во издание на издавачката куќа Темплум. Нејзината четврта книга, „Треба да е лесно“, излезе во мај 2017 година во издание на издавачката куќа Антолог. Во октомври 2019 година ја промовираше својата петта поетска книга „Ќе се завијам во песни“, посветена на и во ко-авторство со нејзиниот татко Мирче Стојчевски, во издание на МИ-АН. Застапена е во повеќе антологии, панорами и зборници на младата македонска поезија.

Во 2016 година настапува на XV меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде што е објавена во антологија на словенечки јазик во „Фестивална антологија на изворна и преведена европска поезија на 21 век“. Истата година учествуваше на настанот “Ad hoc” во Труберјева хиша литературе во Љубљана. Во 2018 година беше учесник на Третите меѓународни книжевни средби во Бања Лука и беше објавена на српски јазик во зборникот „Поетики“. Во ноември 2019 година учествуваше на фестивалот за литература за деца и возрасни InterLese во Магдебург, Германија и за таа пригода избор од нејзина поезија е преведен на германски јазик, а потоа и објавена во книжевното списание Oda (1/2020). Во март годинава беше една од учесничките на првиот Фестивал на женското книжевно творештво – „ОНЕ“ во Беране, Црна Гора. Покрај овие настапи, таа е редовен учесник на најзначајните поетски манифестации во земјава.

Од почетокот на 2018 година е ангажирана како извршен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Истата година станува дел од Версополис платформа за поети и фестивали. Во 2019 се јавува како приредувач и уредник на арт панорамата „Допир“ во издание на Арт Еквилибриум Гевгелија.

реклама

Три уреди во домот што никогаш не треба да се исклучуваат од струја

Read more

Научници открија која храна го зголемува ризикот од рак

Read more

Полната Месечина во Скорпија на 24 април ќе направи хаос

Read more

Посипете маслиново масло врз ловоров лист и ќе се изненадите колку е моќен

Read more

Книги

Граѓаните на ЕУ повеќе претпочитаат печатени отколку електронски книги

Read more

КАЈГАНА препорака: Зошто треба да го прочитате крими романот „Нож“ на Ју Несбе?

Read more

Промовирана монографијата 100 години Тиверија

Read more

Нов роман на Фросина Пармаковска

Read more
 

Магазин

Од 25 април почнува финансискиот успех за еден хороскопски знак

Читај повеќе

5 знаци кои покажуваат дека не јадете доволно

Читај повеќе

Милано размислува да забрани продажба на сладолед по полноќ

Читај повеќе

Дали можете да ги најдете сите 12 животни во оваа илустрација?

Читај повеќе

Храна што го намалува ризикот од дијабетес, рак и деменција

Читај повеќе

Три знаци кои ги откриваат нарцисоидните мајки

Читај повеќе

Личен тренер откри колку протеини дневно треба да внесуваме за успешно слабеење

Читај повеќе

Лекарка предупредува на 4 симптоми на смртоносен рак што не смее да се игнорираат

Читај повеќе

5 лекции што најуспешните деца ги учат од родителите

Читај повеќе