СЕДИ ДОМА И ЧИТАЈ ДЕКАМЕРОН

#СедиДома и читај новели: „Џована и соколот на Федериго“

„Декамерон“ на Џовани Бокачо е книгата која најдобро коренспондира на ситуацијата во која се наоѓаме. Затоа, нашата идеја вели да читаме барем по една новела секој ден за да си пополниме дел од времето кое сега го имаме и тоа како вишок.

Бокачо ја издал „Декамерон“ во 1353 година и таа претставува збирка на 100 новели. За време на чумата во Фиренца, група млади луѓе (7 жени и 3 мажи), се засолнуваат во една куќа надвор од градот и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена сите десетмина секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема зададена од одговорниот на денот.

Десеттиот наш избор е приказната за благородниот витез Федериго чија љубов кон госпоѓата Џована го довела до сиромаштија.

„ЏОВАНА И СОКОЛОТ НА ФЕДЕРИГО“

Копо ди Боргезе Доменики, кој живееше во Фиренца, а можеби уште е жив1, човек со огромен и високопочитуван углед, пресветол и достоен за вечна слава повеќе по своите доблести и учтивоста, а не поради благородничката крв, кога веќе беше во поодмината возраст, често сакаше да им раскажува на своите соседи и пријатели за минатите времиња. За тоа тој знаеше да раскажува подобро од другите, затоа што зборуваше убаво и накитено, а и сеќавањето го служеше добро.

Меѓу другите убави приказби, со задоволство раскажуваше за еден младич, син на господин Филипо Албериги, Федериго по име, којшто живеел во Фиренца и по мечување и благородство бил ценет над сите други господа во Тоскана. Како што се случува често меѓу благородниците, тој се вљуби во една благородна дама по име Џована, во тоа време една од најубавите и најличните во Фиренца. За да ја придобие нејзината љубов, се бореше на турнири, се натпреваруваше во витешки игри, приредуваше гозби, подаруваше и растураше без мерка. Но, таа, исто толку чесна, колку и убава, не му обрнуваше внимание ни нему, ниту на сето тоа што го правеше заради неа.

Додека Федериго се рафрлаше и повеќе одошто требаше и можеше, а без да печали ништо, набргу неговото богатство се растури и тој се осиромаши. Не му остана ништо освен еден мал имот од чиј приход живееше многу скудно, како и еден убав сокол, меѓу најдобрите на светот. Макар што неговата љубов беше сè посилна, заклучи дека не може веќе да живее в град како што му прилега, па се пресели во Кампи2 каде што му беше имотот. Таму, кога можеше, одеше на лов на птици со својот сокол и трпеливо го поднесуваше својата сиромаштија без да бара нешто од некого.

Кога осиромаши Федериго сосема, ненадејно се разболе мажот на госпоѓата Џована. Чувствувајќи дека смртта му се наближува, направи аманет па сето свое големо богатство му го остави во наследство на својот веќе потпораснат син, а бидејќи многу ја љубеше жена си, одреди да го наследи таа, ако умре без законски наследник и потоа си умре.

Така госпоѓа Џована остана вдовица и како што имаат обичај нашите дами, лете одеше со синот на село на некој свој имот близу до оној на Федериго. Така, се случи момчето да се спријатели со Федериго и почна да се интересира за птици и за кучиња. Многупати го гледаше соколот на Федериго како лета, па го посака. Но, не се осмелуваше да го бара гледајќи дека на Федериго му е многу мил. Тогаш момчето наеднаш се разболе. Мајката, натажена, зашто само него го имаше и го љубеше како очите свои, дење и ноќе беше над него и го негуваше и често го запрашуваше да не сака нешто и го молеше само да ѝ каже, а таа сигурно, само ако е возможно, ќе му го најде тоа. Момчето по многуте нејзини молби најпосле рече:

– Мајко моја, ако ми го донесеш соколот на Федериго, сигурно ќе оздравам брзо!

Кога го чу тоа жената, се збуни, а потоа почна да размислува што да прави. Знаеше дека Федериго долго ја љубеше, а таа никогаш и не го погледнала, па си мислеше: „Како да барам или да пратам некого да му го бара соколот кој како што сум чула е најдобар на светот, а освен тоа го храни својот господар! Како би можела да му бидам толку неблагодарна на тој благороден човек и да му го одземам единственото што му останало!“ Збунета од толку мисли, а уверена дека тој ќе ѝ го даде, ако го побара, не знаејќи што да му одговори на синот, молчеше. Најпосле надвладеа љубовта кон детето па се реши да го задоволи, па што сака нека биде и да не праќа никого, туку да оди сама и да му го донесе. Тогаш му одговори на синот:

– Утеши се, сине мој, и настојувај со сите сили да оздравиш, а јас ти ветувам штом ќе се раздени, веднаш ќе одам и ќе го донесам.

Детето се израдува и истиот ден болеста му тргна на подобро. Госпоѓата утредента ја поведе со себе придружничката па како да ќе оди на прошетка, тргна кон куќичката на Федериго и кажа да го повикаат. Тој, бидејќи не беше време за лов, работеше некои помали работи во градината. Кога слушна дека го бара госпоѓата Џована, многу се изненади и радосен потрча пред неа.

Кога го виде, таа љубезно и мило му тргна во пресрет. Федериго ја поздрави полн со почит, а таа отпоздрави:

– Здрав да си ми, Федериго!

И продолжи:

– Дојдов да ја поправам штетата што си ја претрпел заради мене, љубејќи ме повеќе одошто треба. За оштета, наумив со мојава другарка да ручам денеска кај тебе. Федериго и одговори смирено:

– Госпоѓо, не си спомнувам дека сум претрпел некаква штета заради вас, туку од вас сум доживеал само добро, зашто ако сум чинел некогаш нешто, тоа било поради вашите добродетели и мојата љубов кон вас. И сигурно ова ваше доаѓење ми е многу помило одошто би ми било кога би можел уште еднаш да го потрошам сето она што сум го потрошил во минатото, зашто сте се удостоиле да дојдете кај бедниот домаќин.

Кога го рече тоа, засрамено ја воведе во својот скромен дом, а оттука ја поведе во градината. И бидејќи немаше никого да ѝ прави друштво, рече:

– Госпоѓо, бидејќи нема никого дома, нека ви биде друштво добрата жена на овој селанец, додека јас да ја приготвам масата.

Дотогаш, во сета своја голема сиромаштија, не размислувал доволно во каква немаштија западнал и како лекоумно го растурил сето свое богатство. Но, таа утрина, не наоѓајќи ништо со што би можел да ја почести жената за чија љубов гостел безброј луѓе, си спомна за сè. Тажен и нажален, ја проколнуваше својата лоша судбина и сиот надвор од себе се моткаше низ куќата не наоѓајќи ни пари, ни нешто да заложи.

Времето одминуваше, а тој не сакаше да пропушти да ја почести госпоѓата, а пак не сакаше од никого, дури ни од својот орач да побара нешто. Тогаш му падна в очи неговиот сокол, којшто беше во својот кафез над печката, па немајќи што да прави, го фати и гледајќи дека е доста дебел, помисли дека ќе биде достојно јадење за таква жена. Не размислувајќи повеќе, му го свитка вратот и нареди на некоја своја слугинка да го искубе веднаш, да го приготви и надене на ражен да се пече. Тогаш ја посла масата со бели покривки што ги имаше уште, па со ведро лице се врати кај дамата во градината и ѝ рече дека ручекот е готов.

Дамата со својата придружничка стана и тргна кон масата. И не знаејќи што јаде го изедоа соколот заедно со Федериго којшто ги нудеше со многу почит. По ручекот се забавуваа со угодни разговори, па кога на госпоѓата ѝ се стори дека е згодна прилика да каже зошто дошла, љубезно му се обрати вака:

– Ако си спомнуваш, Федериго, за својот поранешен живот и за мојата чесност, што можеби си ја сметал за несмисленост и суровост, не се сомневам дека ќе се зачудиш од мојата смелост, кога ќе чуеш, зошто сум дошла ваму. Но, да имаш деца, или да си ги имал, би сфатил колку е силна љубовта на родителот кон нив и сум уверена дека заради тоа би ми простил. Туку, бидејќи ти немаш деца, а јас имам син единец, ни јас не можам да им избегам на законите што важат за сите мајки на светот. Па бидејќи морам да им се покорам на тие закони, морам и против своја волја и против вообичаените правила да побарам од тебе да ми дадеш нешто што ти е, знам, помило од сè. А и право е така, бидејќи тебе, немилата судбина не ти оставила никаква друга разонода, ни радост, ни утеха. Та, ти се молам да ми го подариш твојот сокол, кого мојот син силно сака да го има, па се плашам, ако не му го донесам, дека болеста ќе му се влоши и ќе го изгубам синот. Затоа, ти се молам, не во името на твојата љубов кон мене, која не те обврзува кон ништо, туку во името на благородството што те краси повеќе од секој друг витез, да ми го подариш соколот за да му го спасам животот на мојот син, а тој ќе ти биде благодарен до век.

Кога Федериго слушна што му бара жената, а знаејќи дека не може да ѝ ја исполни желбата бидејќи го даде соколот да се изеде, почне пред неа да плаче молчејќи. Госпоѓата помисли дека плаче од болка дека мора да се раздели од соколот и веќе ѝ беше на јазик да му каже како не го сака. Но, се здржа и почека Федериго да престане да плаче, па да ѝ одговори. Тој проговори вака:

– Госпоѓо, кога Господ веќе сакал да ви ја подарам вам сета моја љубов, ми се чинеше дека судбината ми е во сè противна и се жалев од неа. Но, сето тоа не беше ништо спрема ова што ме најде сега. Никогаш нема веќе да се помирам со мојата лоша среќа кога ќе си помислам дека вие сте дошле во мојот беден дом, додека не ме удостоивте да дојдете дури бев богат. И сега, кога барате од мене таков незнатен подарок, судбината сака да не можам да ви го дадам. А зошто е така, ќе ви кажам накратко. Кога чув дека вие милозливо сакате да ручате со мене, почитувајќи ја вашата возвишеност и вашата чесност, сметав за достојно според моите можности да ве почестам со јадење поскапоцено одошто би понудиле други. Си спомнав за соколот и за неговата извонредност и сметав дека тој е достојно јадење за вас. Денеска го имавте печен на чинија и мислев дека не сум можел подобро да го употребам. Но, сега, кога гледам дека вие сте го сакале поинаку, неизмерно ме боли дека не можам да ја примам вашата молба и затоа никогаш нема да имам мир.

Кога го рече тоа, нареди да ги донесат пред неа пердувите, нозете и клунот, за доказ. А, кога дамата го виде сето тоа, прво го прекори дека отепал таков сокол за да почести некоја жена, а во себе го пофали неговото благородство што сиромаштијата не можела да го намали. А тогаш, губејќи секаква надеж дека може да го добие соколот и загрижена за здравјето на синот, замислена си се врати кај него. А синот, било од жал дека не може да го добие соколот, било болеста да го налегна, не мина многу и на најголема жалост на мајка си, умре.

Откако го оплакуваше долго и горчливо, а бидејќи беше многу богата и уште млада, многу пати браќата ја наговараа да се премажи. Таа никако не сакаше, но бидејќи упорно навалуваа, си спомна за добриот Федериго и за неговото благородство, особено за неговата последна постапка кога отепа онаков сокол за да ја почести, па им рече на браќата:

– Јас би сакала најмногу, ако ви е право, да останам вдовица, но кога сакате да се премажам, бидете уверени дека нема да појдам за никого освен за Федериго деи Албериги.
Браќата ја исмеваа велејќи:

– Што зборуваш така лудо, како да го земеш него кога нема ништо на светов?

А таа им одговори:

– Браќа мои, добро знам дека е така како што кажувате, но помил ми е човек без богатство, одошто богатство без човек.

Кога слушнаа браќата како мисли таа, а знаејќи дека Федериго е добар, макар и беден, по нејзина волја му ја дадоа за жена со сето нејзино богатство, како мираз. А тој, кога доби таква жена, којашто долго и така силно ја љубел и кога така се обогати, задоволно живееше со неа до крајот на својот живот, само што овој пат знаеше подобро да господари со својот имот.

1 Сомневањето е поради беснеењето на чумата.
2 Мало место недалеку од Фиренца.

реклама

„Исцелител“ вечерва премиерно на МРТ

Read more

Новите заразени со COVID-19 во Скопје се од Гази Баба, Бутел, Чаир, Сарај, Карпош 1 и од Аеродром

Read more

Кинеска вакцина против COVID-19 испитана врз луѓе е безбедна и ефикасна

Read more

Во најдлабокиот рудник во светот заразени 164 рудари со коронавирус

Read more

Книги

#СедиДома и читај македонска поезија - Јосип Коцев

Read more
Животот на писателот Џ.Д. Селинџер и еден негов расказ

Животот на писателот Џ.Д. Селинџер и еден негов расказ

Read more
#СедиДома и читај македонска поезија - Снежана Стојчевска

#СедиДома и читај македонска поезија - Снежана Стојчевска

Read more
#СедиДома и читај македонска поезија - Ана Голејшка Џикова

#СедиДома и читај македонска поезија - Ана Голејшка Џикова

Read more

Магазин

  • play_arrow
  • filter

[Дигитален Моден викенд Скопје] Од блогерка, дизајнерка до стилистка – Дани Ѓуровска ги состави стајлинзите за Guess

Читај повеќе

Кинеска вакцина против COVID-19 испитана врз луѓе е безбедна и ефикасна

Читај повеќе
  • play_arrow

Мезе на денот: Потпечени лепчиња со лук и моцарела

Читај повеќе

Рамазан Бајрам се слави под маски и во најтесното семејство

Читај повеќе

Тајланд почна со тестирање вакцина против COVID-19 врз мајмуни

Читај повеќе

Сите сме донори доколку не се изјасниме поинаку, но во суштина сепак семејството го дава последниот збор

Читај повеќе

Филипче: Срцето на една сакана мајка и сопруга сега чука тука во градите на Иван и тој го почнува неговиот втор живот

Читај повеќе
  • play_arrow

Instagram кралица: Овошна пица

Читај повеќе

Кои ќе бидат правилата за примање туристи летово во Бугарија?

Читај повеќе