Хроника

Седуммина повредени во експлозијата на плинска боца се префрлени во Скопје, тројца се во многу тешка состојба

23. февруари 2020 - 14:08 | МИА

Скопје, 23 февруари 2020 (МИА) – Седуммина повредени во несреќата при експлиозија на плинска боца во селото Романовце, во која загинаа три лица, денеска се донесени на Клиниките во Скопје. Тројца од нив се во животозагрозувачка состојба, информираат за МИА од Клиничкиот центар и Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје.

Во Ургентниот центар во Скопје се префрлени четворица пациенти, од кои двајца се во критична состојба и се префрлени на КАРИЛ со изгореници на поголема површина по телото, додека другите двајца се во тешка, но стабилна состојба на Пластична хирургија.

– Денеска околу 11:20 во УХЦ, беа донесени четворица пациенти од 30 до 54 – годишна возраст, повредени како последица од експлозија на плинска боца. Кај пациентите преовладуваа повреди од изгореници на телото и тоа од 3 и 4 степен, двајца од повредените се хоспитализирани на единицата за интензивно лекување и се во критична животозагрозувачка состојба и двајца пациенти се хоспитализирани на Клиниката за пластична хирургија, информираше за МИА директорот на Ургентниот центар д-р Илир Хасани.

На Универзитетската клиника по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ – Скопје, како што информираше за МИА директорот, доктор Љубен Арсенков се донесени тројца повредени во несреќата, од кои една жена е во животозагрозувачка состојба и со изгореници од трет степен. Во болницата се префрлени и една помлада бремена жена и дете на возраст од околу десет години, кои се со помал степен на изгореници и не се во критична состојба.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска во 14 часот ќе ги посети повредените хоспитализирани на КАРИЛ, по што ќе следи изјава пред влезот на  Ургентен центар, а денеска во посета на Романовце беше заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу.

Експлозијата настанала во 10 часот во куќата на Ш.А. во село Романовце, соопшти СВР Куманово. Од експлозијата на плинската боца настанал пожар во кој три лица починале на лице место.

Од противпожарната единица потврдија дека интервенирале за гаснење на пожар во куќа во Романовце. Кај нив пожарот бил пријавен во 10:10 часот, по што пожарникарите го гаснеле до 11.10 часот.

Коментирај