Речиси секоја зграда на островот Јунион, кој е дел од карипската островска држава Свети Винцент и Гренадини, беше срамнета или сериозно оштетена по моќниот ураган Берил.
„Островот е во ужасна состојба откако помина Берил. Речиси сите се бездомници. Ретко која зграда е оставена да стои. Куќите беа срамнети со земја, патиштата блокирани, електричните столбови лежеа на улиците“, рече Катрина Кој, која беше изненадена од размерот на уништување што беше пред неа.
Со неа се сложува и рибарот и водич Себастиан Сејли, пренесува хрватски Index.
„Сè е изгубено. Во моментот немам каде да живеам“, рече тој.
На островот живее од 1985 година, па го преживеал и ураганот Ајван во 2004 година, но вели дека Берил бил на друго ниво.
Најмалку 6 лица загинаа, а 5 се водат за исчезнати кога ураганот Берил го погоди југоисточниот дел на Карибите, пренесува Танјуг.
Три лица загинаа во Гренада, едно во Свети Винцент и Гренадини, а двајца загинаа на северот на Венецуела, каде што 5 лица се водат за исчезнати, соопштија официјални лица.
„Овде е како торнадо да поминало. 90% од островот беше збришан. Се засолнив со сопругата и ќерката и, искрено да ви кажам, не бев сигурен дека воопшто ќе се извлечеме“, истакна тој.
Во неговиот глас сè уште се видливи шокот и стравот, пишува BBC.
Неговата роднина Ализе, која води хотел со своето семејство, го опиша ужасното искуство додека ураганот минувал низ нивниот град. Таа нагласи дека морало да стават мебел до вратите и прозорците за да не се отвораат од силниот налет на ветерот.
„Притисокот беше толку силен што можеше да го почувствувате во вашите уши. Можевме да слушнеме како покривот се распаѓа и удира во друга зграда. Кршење прозорци, поплави. Никој не знаеше дека ќе биде толку лошо, сите се трауматизирани“, потврди таа.
Себастиан поседува две фарми и има кошници со пчели, но сè е целосно уништено. Сепак, тој тврди дека сега приоритет е да се најде засолниште за жителите на островот. Луѓето се обидуваа да соберат дрвени и пластични фолии за да направат некакво привремено сместување за нивните семејства.
'Worst hurricane ever' - Union Island resident describes Beryl destruction https://t.co/OQNX6JknEk
— BBC News (World) (@BBCWorld) July 3, 2024
„И очигледно е дека ќе биде тешко да се најдат вода и храна“, убеден е Себастиан.
Ализе истакна дека на островот итно се потребни многу видови стоки, од конзервирана храна и млеко во прав до санитарни производи, комплети за прва помош, шатори и генератори.
Владата во Свети Винцент и Гренадини рече дека ја препознава големината на проблемот.
Во своето утринско обраќање премиерот Ралф Гонсалвес го сумира чувството на шок во оваа карипска земја.
„Опасниот и разорен ураган остави големо уништување, болка и страдање кај нашата нација“, рече тој.
Тој вети дека ќе дејствува што е можно побргу за да се справи со долгата листа на приоритети.