Секс, насилство и абортус: Земја во која по шест девојчиња абортираат секој ден

Шест абортуси се вршат дневно кај девојчиња на возраст од 10 до 14 години во Бразил. Гинекологот Меланија Аморим била сведок на многу болни случаи.

Меланија Аморим сè уште била на почетокот на својата кариера како гинеколог и бабица кога се сретнала со првиот случај на тинејџерска бременост.

Тоа било тринаесетгодишно девојче со парализа на сите четири екстремитети, кое било силувано во задниот двор на нејзината куќа, додека нејзината мајка работела внатре. Била пренесена во болница во северозападен Бразил за да абортира, но никој од дежурните лекари не сакал да ја прекине бременоста.

„Мајката на девојчето работи како перачка и ја оставила девојката да се сонча надвор. По нападот девојката останала бремена", изјави д-р Аморим за BBC.

„Никој во болницата не сакаше ниту да ја допре, велејќи дека се против абортус. Бев многу млада, но го извршив тој прекин на бременоста. Го сторив тоа со цврсто убедување дека го спасувам животот на тоа девојче и дека тоа е нејзино право како жртва на силување", вели докторката со треперлив глас.

Д-р Аморим работи со бременост кај деца и тинејџерки повеќе од 30 години и специјализира во случаи на девојчиња кои забремениле откако биле силувани.

Четири случаи на силување дневно

Бразил го потресе контроверзниот случај на десетгодишно девојче кое абортираше откако со години било силувано од нејзиниот вујко. Тоа се случи во градот Саун Матеус, во јужната држава Еспириту Санту.

Случајот заврши во вестите откако девојчето беше пренесено во соседна земја за да може таму да се изведе зафатот, а нејзините лични податоци јавно ги обелодени активистка на ултра-десницата.

Религиозни групи се обидоа да го запрат абортусот обраќајќи се до Судот, а некои дури се обидоа да влезат во болницата каде што беше примено девојчето.

Бразилскиот закон дозволува абортус во случаи на силување само кога постои ризик по животот на жената. Судија веќе имаше дадено дозвола десетгодишното девојче кое било силувано од неговата шеста година, да абортира.

Д-р Аморим вели дека медицинските ситуации како оваа се далеку од невообичаени - и тоа го потврдува поголемиот дел од нејзиното професионално искуство.

Бразилскиот јавен здравствен систем, SUS, регистрира во просек најмалку шест абортуси на ден кај девојчиња на возраст од 10 до 14 години.

Статистиката за сексуално насилство е подеднакво шокантна: податоците собрани од невладината организација Бразилски форум за јавна безбедност покажуваат дека во оваа земја секој ден се силувани четири девојчиња на возраст под 13 години.

Бременоста е опасна за толку млади девојчиња

„Доаѓат во болница збунети и исплашени од трауматските настани што ги доживеале“, објаснува лекарката.

Доктор Аморим вели дека почувствувала измешани емоции на „конфузија, зачуденост, одвратност и незадоволство“ поради обидот да се спречи абортус на ова десетгодишно дете.

Бременост на таа возраст се смета за крајно ризична.

Д-р Меланија Аморим

Студија на УНИЦЕФ покажа дека девојчињата кои раѓаат пред 15-тата година имаат петпати поголема веројатност да умрат за време на породувањето, отколку жените на 20-тина години.

Истражувањето спроведено на млади трудници во Латинска Америка покажа дека девојчињата од 15 години или помлади, имаат поголема веројатност да развијат тешка анемија и да се соочат со поголем ризик од постпородилно внатрешно крварење, објави Американскиот журнал за акушерство и гинекологија.

Опасно е и за бебето

Исто така, шансите за рана смрт кај новороденчето се многу поголеми.

Меланија Аморим истакнува дека бременоста кај девојчиња на возраст од 10 до 15 години има голем ризик од појава а прееклампсија и еклампсија - состојби кои предизвикуваат висок крвен притисок, па дури можат да доведат и до кома.

„Можно е бебињата на овие девојки да не добиваат на тежина. Постои ограничување на растот (поради телесната градба на девојчињата) и затоа, многу од овие бебиња се раѓаат предвреме", вели таа.

Бременостите кај девојчиња на возраст од 13 или помлади се уште поризични затоа што нивните тела сè уште се развиваат.

„Нивните тела и внатрешни органи сè уште не се развиени целосно. Тие, на пример, немаат целосно формирана карлица, а тоа го попречува напредокот на породувањето", објаснува таа.

Абортусот е побезбеден од породување

Д-р Аморим, исто така професор на Федералниот универзитет во Кампина Гранџи, вели дека легалниот абортус е многу побезбеден за овие девојчиња отколку породувањето.

„Раѓањето дете е ризик за секоја жена, во секоја фаза. За едно девојче, тоа е уште поопасно", вели таа.

„Медицински надгледуваниот абортус во легални случаи е многу побезбеден отколку породувањето за овие девојчиња. Најлошата работа е небезбеден абортус, кој жената или девојката би морала да го изведе кришум“, вели таа.

Д-р Аморим исто така вели дека студиите спроведени врз жени од земји каде што сè уште е дозволен детски брак, покажале дека има чести случаи на девојчиња со внатрешни повреди помеѓу мочниот меур и вагината.

„Тие забремениле и се породиле без помош или без пристап до царски рез. Бебето искинало сè."

Меланија Аморим работи и со жртви на сексуално насилство. Како гинеколог, таа им помага на жртвите од сите возрасти, од шест месеци до 92 години.

„Нема возраст што ги штити жените од силување. Ние, жените, не сме заштитени во ниту една возрасна група", се жали таа.

„Кога жената е многу млада, таа не забременува. Но, многу случаи на злоупотреба започнуваат во таа фаза и продолжуваат сè до периодот кога девојчето почнува да овулира и, за жал, завршува со бременост", додава д-р Аморим.

Многу девојки не знаат дека имаат право на абортус

Не сите бремености завршуваат со абортус. Лекарката вели дека некои млади жртви на силување пристигнуваат во болницата непосредно пред да треба да се породат.

„Многу девојки не знаат дека имаат законско право на абортус.“

Аморим се сеќава на првиот случај на смрт на родилка на кој присуствувала, кога имала само 17 години и сè уште одела во медицинско училиште.

„Тоа беше тринаесетгодишно девојче кое почина поради нелегален абортус. И најтажно од сè беше што таа имаше право на законски абортус", вели таа.

„Најмногу сум имала случаи на десетгодишни трудници со еклампсија кои мораа да бидат интубирани откако за малку ќе умреа како резултат на тешки епилептични напади. Никоја од нив не почина. Но, ризикот од смрт во случаи на еклампсија е голем“.

Еден многу поразличен случај

Но, д-р Аморим верува дека случајот во Саун Матеус се разликува од другите од целата нејзина кариера, најмногу заради откривањето на името на жртвата и болницата каде што детето требало да абортира.

„Овој вид на абортус е загарантиран со закон и треба да се почитуваат тајноста и доверливоста“, рече таа.

„Ова обелоденување мора да се испита. Тоа е многу сериозна ситуација. Како ги добило информациите лицето кое ги објавило податоците на девојчето?", вели таа.

Бременоста на десетгодишното девојче беше откриена на 8 август, откако беше пренесена во болница во Саун Матеус. Веста за случајот предизвика национална дебата во која учествуваа дури и министри од Владата.

Контроверзноста се продлабочи откако лекарите во државната болница во главниот град на Викторија одбија да извршат абортус на 14 август, и покрај судската наредба, под изговор дека бременоста ја надминала границата од 22 недели препорачана од бразилското Министерство за здравство.

Религиозни групи протестираат против абортусот на десетгодишното девојче
Закрепнување и апсење

Болницата во Викторија објави дека одлуката за одбивање да се прекине бременоста е донесена „од технички причини и дека нема идеолошка основа“.

Девојчето потоа конечно абортираше три дена подоцна во Ресифе, град оддалечен 1.650 километри оттаму.

„Секоја болница што работи со бремени жени е должна да изврши легален абортус. Тие чекаа одобрување од судот во Еспириту Санту и кога пристигна, тие тврдеа дека бременоста е во напредна фаза", вели д-р Аморим.

За девојчето се вели дека „добро закрепнува“. Нејзиниот вујко беше уапсен на 18 август, откако побегна во соседна држава.

Д-р Аморим вели дека е клучно девојчето, исто како и другите жртви на сексуално злоставување, да добие психолошка помош и нега.

„Силувањето остава лузни засекогаш. Овие девојки пристигнуваат во болницата веќе трауматизирани. Тие се девојчиња, а не мајки", вели таа.

„Тие не сакаат плод на насилство во нивните утроби. Ако ја добијат целата поддршка, тие можат да ги реализираат сите свои планови и да си го повратат достоинството.“

И покрај тоа што со децении е сведок на шокантната реалност, Меланија Аморим не го губи чувството на огорченост со секој нов случај со кој се соочува.

„Ќе си помислите, дека по толку години на терен, ќе се навикнеме. Но, со овој случај во Еспирито Санто, огорчувањето не е само во однос на силувањето и бременоста. Девојчето беше силувано со години и доживеа ново насилство кога општеството се обиде да ѝ го одземе законското право на абортус“, вели докторката.

реклама

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Израел го нападна Иран, пристигна првото видео

Read more

Како изгледал етничкиот состав на цела Македонија во 1905 година?

Read more

5 хороскопски знаци кои се родени за да се збогатат во животот

Read more

Живот

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Read more

Се разбудивте уморни? Овие намирници ќе ве наполнат со енергија

Read more

5 хороскопски знаци кои се родени за да се збогатат во животот

Read more

Адвокат советува на кое прашање никогаш да не одговарате кога кога ќе ве запре полиција

Read more
 

Магазин

Рецепт на денот: Ароматично пилешко со зеленчук и рузмарин

Читај повеќе

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Читај повеќе
  • play_arrow

Најнеобичните цвеќиња што може да се видат на Земјата

Читај повеќе

Три причини зошто вежбањето со тегови е клучно за слабеење

Читај повеќе

Психолог предупредува на 6 збора што може да ја уништат врската

Читај повеќе

Натпреварувачка во „Милионер“ запна на прашање за Адам и Ева

Читај повеќе

Се разбудивте уморни? Овие намирници ќе ве наполнат со енергија

Читај повеќе

5 хороскопски знаци кои се родени за да се збогатат во животот

Читај повеќе

Дали сексот во врска навистина е подобар?

Читај повеќе