Македонската репрезентација е пред клучните натпревари кои ќе го скројат изгледот на табелата на оваа сезона од Лигата на нации. По тој повод селекторот Благоја Милевски зборуваше на денешната прес-конференција.
„Нè очекуваат уште 4 натпревари, секој од нив е подеднакво важен. Сега играме на гости со Латвија и Ерменија. Ме радува фактот и се надевам така ќе остане, дека сè зависи од нас. Македонија се прашува за изгледот на табелата во оваа Лига на нации. Ќе бидеме задоволни ако и по овој собир бидеме на првото место, каде што сме сега“, дециден беше селекторот. Реално, Македонија го има најквалитетниот состав во групата со Ерменија, Латвија и Фарски Острови, но тоа треба да се покаже на терен за на крајот со најмногу освоени бодови да сме на првото место.
Милевски на пресот го соопшти списокот на повикани играчи, на кој се најдоа 25-мина. Повторно тука е проблемот со одредени играчи кои немаат минутажа во своите клубови.
„Што се однесува до списокот, за жал повторно имаме некои повреди на фудбалери кои беа непланирани. Трапановски нема да игра поради повреда на тренинг. Ќе мора да паузира 4 до 6 недели. Се надевам дека Трајковски ќе биде подготвен и ќе ни биде на располагање. За жал, Дарко Велковски нема клуб и жалам што не е во посакуваната форма. Не сум задоволен од статусот на Елези во тимот на Бохум. Тој е професионалец и ќе даде сè од себе за да се наметне во клубот. Потребен ни е таков играч, беше со нас на минатите собири и се разбира дека сметаме на него во иднина“.
На списокот се најде и еден дебитант и тоа стоперот на словачкиот клуб Жилина, 21-годишниот Андреј Стојчевски. Но, и тој сезонава мака мачи со минутажа и за Жилина има само 2 настапа со вкупно 98 одиграни минути, а има иа 2 настапа од по цели 90 минути за вториот тим во словачката втора лига.
„Имаме проблеми со дефанзивата, особено со жолти картони и поради тоа е повикан Стојчевски за да биде дел од ротацијата. Останатите се надевам дека ќе бидат здрави пред сѐ, а потоа и способни да се стават во функција на тимот. Во моментов ми е најважно здравјето на фудбалерите. Не можеме да зборуваме за натпреварувачка форма, тимот го градиме веќе три години и не сме во позиција да го менуваме секој собир. Тие фудбалери кои се повикани се најдобри во моментот, без разлика за формата. Секогаш се тука за Македонија и тоа е најважно“.