На Македонија сигурно нема да ѝ биде лесно в недела, иако еуфоријата е на завидно ниво. Селекторот на Исланд порача дека во Скопје доаѓаат по бодови и по романско пиво.
Откако синоќа ја разочараа Романија, Исланѓаните сега доаѓаат во Македонија да нѐ разочараат и нас. Немаат никакви шанси за 2. место, но играат за чест, за престиж, за ранкинг и за себе, играат затоа што уживаат да играат фудбал. А, таквите противници најтешко се победуваат.
Синоќа на прес-конференцијата по натпреварот во Букурешт исландскиот селектор Арнар Тор Видарсон имаше интересна изјава. Им порача да Романците дека доколку успее да ја сопре Македонија, ќе им се врати во Букурешт да го частат пиво.
„Беше тесен натпревар во кој Романија можеше да победи, но и ние имавме свои шанси. Жал ми е за репрезентацијата на Романија, бидејќи знам дека ѝ требаа три бода за да се надева на бараж. Пред натпреварот некој ме праша дали ќе бидам задоволен со 0:0 во Букурешт и јас реков 'да'“, вели Видарсон, за потоа да додаде:
„Никој не можеше да го предвиди тоа, но да, сега сум задоволен. Се надевам дека ќе одиграме еднакво добро во Македонија. И бидејќи Романците се многу пријателски расположени, се надевам ќе можеме да им помогнеме. Сите сакаме да извлечеме добар резултат во Скопје. Ако успееме, ќе се вратам овде да ми купите пиво“.
Видарсон веројатно веќе сонува како Романците го частат пиво Тимишореана, Урсус или можеби Стежар, но не треба да заборави дека во Скопје и ние можеме да го почастиме и тоа не само пиво, туку и ракија, мастика, па зошто да не и шопска и скара.
Останува в недела да видиме кој ќе части. Сега на Романија ѝ треба Македонија да не победи, а тие да го совладаат Лихтенштајн.