Фудбал

Селекторот на Шведска: Ибрахимовиќ не оди на Светското првенство

21. април 2018 - 14:56 | М.Д.

Селекторот на фудбалската репрезентација на Шведска, Јан Андерсон, изјави дека Златан Ибрахимовиќ сигурно нема да биде во составот на репрезентацијата на Светското првенство, кое во јуни и јули ќе се одигра во Русија.

Ибрахимовиќ во изминативе денови после трансферот од Јунајтед во Ла Галакси, во неколку наврати зборуваше за Мундијалот, при што тој најави дека можеби ќе игра на Светското првенство.

Неговите изјави предизвикаа бројни шпекулации околу негово евентуално враќање во репрезентацијата, која ја напушти после Европското првенство во 2016 година.

Сепак, селекторот Андерсон јасно порача дека не смета на Ибра и дека 36-годишниот напаѓач нема да настапи за Шведска, која на првенството ќе игра во групата Ф, заедно со Германија, Мексико и Јужна Кореја.

„Златан и уште неколку играчи рекоа дека нема да настапуваат за репрезентацијата по крајот на Европското првенство 2016 година и јас тоа го почитувам. Но, она што го шпекулираат медиумите и она што Златан го зборува за Мундијалот, јас не можам да го потврдам. Јас зборувам за она што беше помеѓу нас“, изјави Андерсон.

Тој на прашањето за медиумите, околу тоа дали Ибра ќе игра, одговори дека „тој апсолутно нема да настапи, бидејќи самиот рекол „не“.

Коментирај