Мобилни

Селфи камерата на новиот Oppo се наоѓа под неговиот екран

26. јуни 2019 - 16:49 | К.З.

Индустријата на смартфони во последно време е место на огромни иновации во поглед на дизајнот и инвентивноста, посебно кога се работи за начините на ослободување на простор за дисплејот. Кинеската компанија Oppo денеска го промовираше новиот уред, чија селфи камера се наоѓа директно под екранот и воопшто не зафаќа или одзема место од екранот.

По сензорите за отпечатоци на прст, следни за промена се предните камери, кои ќе бидат подложени на измени во однос на нивната позиција, со цел да се ослободи целата предна страна од смартфонот.

Претходно, Oppo се обиде да ги популаризира камерите кои се скриени во самата маска на телефонот и да направи „notch“ во форма на мала солза на нивните екрани, а минатата недела во Шангај го промовираше револуционерното решение преку кое селфи камерата е ставена под самото стакло на дисплејот и не зазема воопшто место на предната страна. Покрај тоа што покажа како изгледа, Oppo демонстрираше и како работи оваа технологија.

Од компанијата велат дека дисплејот користи транспарентен материјал со редизајнирана структура на пикселите која ѝ овозможува на светлината да се пробие до камерата. Самиот сензор е поголем од оној на останатите селфи камери на пазарот, со поголема леќа на предниот дел. А сега, најголемиот трик: делот од екранот резервиран за камерата работи на допир, исто како и остатокот од дисплејот.

Oppo признава дека ставањето на стакло пред камерата скоро сигурно ќе резултира во проблеми и недостатоци во квалитетот на фотографијата. Поради тоа што стаклото делува независно од камерата, можно е фотографијата да биде замачкана или пак со намалена резолуција. Смартфонот има софтвер кој би требало да отстрани дел од недостатоците, а од Oppo тврдат дека квалитетот на фотографиите ќе биде „идентичен како оној на мејнстрим уредите на пазарот“.

Кинескиот производител не даде конкретен датум за премиера на овој уред, но најави дека тоа ќе се случи набрзо. Знаејќи колку брзо работат во Oppo, може да се надеваме дека овој смартфон ќе пристигне до крајот на годината.

Коментирај