Филм & ТВ

Семјуел Л. Џексон и Крис Рок ќе се појават во римејкот на хоророт „Saw“

10. јули 2019 - 15:42 | К.З.

Веќе се навикнавме на римејк-манијата во Холивуд, а најавата за уште еден од нив не е ниту чудна, ниту пак изненадувачка. Овојпат се работи за култниот хорор серијал „Saw“, кој внесе страв под кожа на толку многу љубители на жанрот.

Американските медиуми пренесуваат дека актерот Семјуел Л. Џексон и комичарот Крис Рок ќе се појават во римејкот на „Saw“, чија премиера е закажана за крајот на следната година.

Во преработката на „Saw“ Семјуел Л. Џексон ќе се појави во улогата на татко на полицискиот детектив кој го игра Крис Рок. Како продуцент на филмот, Крис Рок се одбра себеси за една од главните улоги, но инсистираше да го најми и Џексон, поради почит кон неговиот талент и актерска кариера.

За сценариото на филмот се задолжени Питер Голдфингер („Jigsaw“) и Џош Столберг („Good Luck Chuck“), а режисер на филмот е Дарен Лин Боусман, кој го режираше вториот дел од оригиналната франшиза „Saw“.

Снимањето на филмот веќе започна и тоа се одвива во Торонто, а новиот „Saw“ ќе пристигне во киносалите ширум светот на 23 октомври следната година.

Коментирај