Кошарка
Ентони Дејвис се повреди еден ден пред Ол Стар викендот

Сепак постои шанса Дончиќ да биде дел од Ол Стар натпреварот

15. февруари 2019 - 15:38 | Кирил Зарински

Навивачите на Њу Орлеанс Пеликанс синоќа беа качени на ролекостер од емоции, чие возење се заканува дека ќе потрае барем до крајот на сезоната. Нивниот тим победи во западното дерби против Оклахома Сити Тандер, но притоа Ентони Дејвис доживеа повреда на рамото, поради која мораше да го напушти натпреварот.

Медицинскиот тим на Пеликанс веќе излезе со изјава дека повредата на Дејвис „не е многу тешка“, но не напоменаа што точно значи тоа, односно дали тој ќе може да настапи на Ол Стар викендот.

Дејвис се повреди во последните моменти од синоќешниот натпревар против Оклахома Сити Тандер, кој тимот на Пеликанс го доби со резултат 131:122. Тој го напушти натпреварот веднаш по повредата и не се врати ниту на клупата до самиот крај. Според НБА инсајдерот Рамона Шелбурн, Дејвис ќе добие третман на рамото во текот на денешниот и утрешниот ден, пред да одлучи дали ќе игра на Ол Стар натпреварот во недела.

Доколку Ентони Дејвис не биде подготвен за да настапи на Ол Стар натпреварот, тогаш ќе мора да биде заменет со некој играч од Западната конференција. Конкуренцијата е голема, бидејќи оваа сезона неколку големи ѕвезди не беа повикани помеѓу ѕвездите на Ол Стар натпреварот, но за голем дел од љубителите на НБА, изборот е јасен – Лука Дончиќ.

Младиот словенечки кошаркар импресионира уште од првиот ден кога влезе во лигата, а за време на гласањето на навивачите за стартните петорки на Ол Стар натпреварот, тој доби повеќе од 3 милиони гласови. Важно е да се напомене дека повеќе гласови од Дончиќ доби само најдобриот кошаркар во лигата, Леброн Џејмс.

Сепак, како што напоменав и погоре, нема да биде лесно да се одбие конкуренцијата. Помеѓу останатите играчи кои конкурираат за ова место од Западната конференција, тука се Демар Дероузен, Руди Гобер, Џру Холидеј, Лу Вилијамс, кои веројатно заслужуваат да бидат на Ол Стар натпреварот, но се жртви на преголемата конкуренција за места.

Ол Стар натпреварот е на програмата оваа недела, а Ол Стар викендот почнува уште вечерва, кога во 02:00 часот по полноќ силите ќе ги одмерат Тимот на светот и Тимот на САД. Веќе наредната вечер е закажана за натпреварите во шутирање тројки и забивања, а викендот се крунисува во недела, кога меѓу себе ќе играат Тимот на Јанис и Тимот на Леброн Џејмс.

Коментирај