Северна Кореја предупреди дека нема да остане без одговор на изјавата на американската амбасадорка во ОН Ники Хејли која рече дека Ким Џонг Ун „моли за војна“, објави јавниот севернокорејски сервис KCNA.
Во соопштението, Хејли беше наречена „политичка проститутка“ чиј „хистеричен настап“ би можело да предизвика страшни последици за САД.
„Ники нека внимава како се изразува, иако можеби е само слепа будала“, стои во соопштението во кое се додава дека САД скапо ќе платат за „нејзините навреди“, пренесува „Russia Today“.
Хејли во понеделникот, на 4 септември, на вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН рече дека продолжувањето со нуклеарни и балистички тестирања од страна на Пјонгјанг може да ги испровоцира САД и да ги вовлече во судир.
„Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун со неговото злоупотребување на проектили и со нуклеарните закани покажува дека моли за војна“, изјави Хејли.