Свет

Северна Кореја го праќа поранешниот шеф на разузнавање на ЗОИ 2018

22. февруари 2018 - 15:19 | А.С.

Северна Кореја ќе испрати еден од највисоко рангираните воени старешини во земјата, генералот Ким Јонг Чол, на свеченото затворање на Зимските Олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја.

Генералот Ким е поранешен шеф на разузнавачката служба на Северна Кореја и се смета дека токму тој стои зад организирањето на неколку напади врз Јужна Кореја, вклучувајќи го потопувањето на воениот брод Cheonan во 2010 година кога загина 46 јужнокорејски морнари.

Присуството на севернокорејската делегација на Олимпијадата во Пјонгчанг се смета за затоплување на односите меѓу двете Кореи.

Сепак, постои загриженост дека Пјонгјанг го користи спортскиот настан само за да си го подобри имиџот пред меѓународната заедница.

Ќерката на американскиот претседател, Иванка Трамп, ќе ја води делегацијата на САД во Пјонгчанг викендов, но јужнокорејските служби велат дека нема да има формална средба меѓу Северна Кореја и САД на настанот.

Генералот Ким сега е шеф на службата за односи меѓу двете Кореи.

Делегацијата на генерал Ким ќе остане во Јужна Кореја три дена и се очекува да се сретне со јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин.

На отворањето на ЗОИ 2018 во почетокот на месецов присуствуваа американскиот потпретседател Мајк Пенс и сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, како претставничка на Пјонгјанг.

Иако седеа во истата ложа, двајцата немаа средба и не се поздравија. САД тврдеше дека требало да има средба, но дека Северна Кореја се повлекла во последен миг.

Коментирај