Северна Кореја се закани со нуклеарен напад во „срцето на САД“, доколку Вашингтон се обиде да го собори сегашниот режим, извести агенцијата Јонхап, повикувајќи се на информација објавена од севернокорејската новинска агенција КЦНА.
„Доколку САД покажат и најмал знак дека ќе се обидат да го соборат нашиот врховен лидер ќе изведеме немилосрден напад во срцето на САД со силен нуклеарен удар“, изјавила портпаролката на Министерството за надворешни работи во Пјонгјанг.
Во информацијата на КЦНА се наведува дека ова е одговор на изјавите на првиот човек на ЦИА, Мајк Помпео, кој минатата недела во еден свој говор алудирал на соборување на комунистичкиот режим.
Помпео тогаш изјавил дека она што САД можат да го направат е да го „одвојат нуклеарниот капацитет од оној кој би можел да го искористи“.
КЦНА ја цитира изјавата на министерот за надворешни работи кој оценил дека Помпео во својот настап „ја минал граница и ставил до знаење дека целта на администрацијата на претседателот Трамп е да го собори режимот“.