Фудбал

Севиља: Берицо на полувремето им соопштил на играчите дека боледува од рак

22. ноември 2017 - 13:48 | К.З.

Аргентинскиот тренер Едуардо Берицо на полувреме од натпреварот против Ливерпул им соопштил на играчите на Севиља дека има рак, по што тие се вратија од дефицит од 0:3 и успеаја да дојдат до реми со резултат 3:3.

Шпанскиот клуб потврди, преку официјална објава на нивната веб страна, дека на тренерот Едуардо Берицо му е дијагностициран рак на простатата.

Играчите на Севиља дознале дека нивниот тренер боледува од рак на простатата дури на полувремето од натпреварот против Ливерпул, во кој по првите 45 минути губеа со резултат од 0:3.

„По изјавата, моравме да се вратиме подобри во второто полувреме, не само за тренерот, туку и за навивачите“, рече Евер Банега по мечот.

Во второто полувреме Висам Бен Једер стрелаше двапати, пред Гвидо Пизаро да го постави конечниот резултат од 3:3 и да им донесе бод на Севиља во мечот од групната фаза во Лигата на шампионите.

Клубот ја потврди оваа вест денеска, кога се обрати на официјалната веб страна.

„Фудбалскиот клуб Севиља му дава целосна поддршка на тренерот Едуардо Берицо и му посакува брзо опоравување“, стоеше во објавата.

Благодарение на бодот кој го освоија против Ливерпул, Севиља сега само треба да го победи Марибор за да обезбеди место помеѓу најдобрите 16 тимови во ЛШ.

Коментирај