Американската актерка Шајлин Вудли, позната по улогите во серијата Big Little Lies и филмовите The Fault in Our Stars (2014), Snowden (2016), The Mauritanian (2021), Ferrari (2023), Adrift (2018) и The Last Letter from Your Lover (2021) и трилогијата The Divergent, во нов проект ќе ја портретира американската рок легенда Џенис Џоплин, пренесува Variety.
Иако засега не е познато како ќе се вика биографскиот филм и кој ќе глуми покрај Вудли во него, Variety наведува дека дел од финансирањето на филмот ќе го обезбеди Калифорниската филмска комисија, која ќе обезбеди 2,5 милиони долари за продукцијата. Годинава од комисијата издвоија милиони долари за покривање на одреден дел од трошоците на десетици проекти, вкупно 39,6 милиони долари за 18 филмови.
Variety додава дека со години имало обиди да се сними биографски филм за музичката легенда, но секој пат безуспешно.
Вудли ќе има повеќе улоги во проектот. Покрај тоа што ќе ја отелотвори пејачката ѕвезда, таа ќе ја има и улогата на продуцент. Variety пишува дека според планот, снимањето би требало да трае 30 дена, со потенцијални трошоци од околу десет милиони долари. Актерката даде изјава откако беше откриено дека ќе глуми во филмот.
„Калифорнија имаше посебно значење за Џенис Џоплин. Од скалите на Сан Франциско до дрвените ѕидови на Сансет Саунд, оваа држава стана сцена на која таа го истражуваше не само светот на музиката, туку и светот на нејзината живописна човечност“, коментираше актерката.
Засега не е познато кога треба да започне снимањето, како и информации за премиерата во кината или на некој стриминг сервис.