Тимот од Билбао соопшти дека скринингот во клубот открил дека шестима членови се позитивни на коронавирусот, без да нагласи колку се фудбалери, а колку други лица.
Според протоколот издаден од Ла Лига, сите тимови кои ги почнуваат подготовките за новата сезона мора да направат скрининг во рамките на клубот.
„Меѓу резултатите од тестирањата има шест позитивни, кои веќе се наоѓаат изолирани во своите домови каде ќе останат сѐ додека не им биде направен нов ПЦР тест наредната недела. Случаите се пријавени до надлежните здравствени власти“, стои во клупското соопштение.
Баскискиот клуб не откри колку од позитивните се фудбалери, а колку останати вработени кои се грижат за тимот.
Атлетик треба утре приквечер да ги почне подготовките, кои поради новонастанатата ситуација ќе бидат индивидуални тренинзи.