Регион

Шестмина туристи загинаа во невреме на Халкидики, нема информации за настрадани македонски државјани

11. јули 2019 - 8:45 | МИА/КАЈГАНА

До овој момент нема информации за настрадани државјани на Северна Македонија во невремето што го зафати поширокиот грчки регион Халкидики, потврдија за МИА од МНР.

Засега ниеден македонски државјанин не пријавил ниту штета од невремето. Во тек се дополнителни проверки од страна на надлежните институции.

Генералниот конзулат на Северна Македонија е во постојан контакт со надлежните служби. Македонските граѓани кои евентуално се повредени во невремето во Грција можат да го контактираат Генералниот конзулат во Солун на следниве телефони:

00302310277347

00302310277348

Контакт од нашата амбасада во Атина:

00302106749585

Во невремето што го погоди Халкидики, една најпосетуваните летни дестинации на македонските туристи, загинаа најмалку шест лица, меѓу кои и две деца.

Едно лице се води како исчезнато, десетици се повредени, причинета е голема материјална штета и има прекин на снабдувањето со електрична енергија, јави дописничката на МИА од Атина.

Жртвите од невремето се туристи од Романија, Чешка и Русија кои биле во близина на првиот крак, додека, пак, од вчера попладне еден рибар се води како исчезнат.

Повредените се пренесени во неколку болници на Халкидики и во Солун, а една жена е хоспитализирана на интензивна нега. Неофицијално, меѓу повредените има и деца.

Набрзо по полноќ во поширокиот регион на Халкидики беше прогласена вонредна состојба, а министерот за цивилна заштита на Грција рано утрово одржа вонреден владин состанок за првична проценка на ситуацијата.

Шестмината туристи животот го загубија во три одделни случаи. Триесет и деветгодишен Русин и неговиот двегодишен син загинаа во Неа Потидеа откако врз нив паднало дрво, врз 54-годишна жена од Романија се урнал покрив од таверна во местото Неа Плаја, а во истата таверна, под засега непознати околности починало и осумгодишно дете, исто така од Романија.

Невремето на плажата Созополис во близина на првиот крак беше трагично и за повозрасна брачна двојка од Чешка, кога се превртел нивниот автомобил-приколка. Неофицијално, заедно со нив биле и нивниот син и внук кои поминале без повреди.

Грчката противпожарна служба, до три часот утрово добила над 600 повици за помош, а интервенирала во 235 случаи за спасување, но и за отстранување на паднати дрвја.

Коментирај