Фудбал
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕУРО 2020

Шевченко: Го исполнив ветувањето, ја однесов Украина на ЕУРО

15. октомври 2019 - 10:32 | Ф.З.

Од синоќешните квалификациски натпревари, само Украина успеа да избори пласман на ЕУРО 2020, а селекторот Андриј Шевченко со тоа го исполни даденото ветување.

Украина го совлада актуелниот европски шампион Португалија со 2:1 во Киев. Роман Јаремчук уште во 6-тата минута го отвори резултатот, додека Андриј Јармоленко во 27-мата зголеми на 2:0. Во 72-рата минута Тарас Степаненко играше со рака во шестнаесетникот овозможувајќи му на Кристијано Роналдо од пенал да ја врати неизвесноста и притоа заработи исклучување.

„Многу сум среќен. Сакам да се заблагодарам на цела Украина и Киев за поддршката. Стадионот нѐ понесе, особено кога бевме со десет играчи. Горд сум на фудбалерите, на терен видов вистински лавови. Можам само да им се заблагодарам на играчите за нивната игра во овие квалификации. Исто така, сакам да му се заблагодарам на португалскиот тим за високиот квалитет на фудбалска игра што го прикажаа. Среќни сме што имавме можност двапати да играме против таков тим“, изјави популарниот Шева на пресот по натпреварот.

Шевченко беше помошник тренер на селекторот Михајло Фоменко со кој Украина имаше лош настап на ЕУРО 2016 завршувајќи последна без бод и постигнат гол. Веднаш по првенството Шева седна на селекторското столче, но не успеа да ја однесе репрезентацијата на Мундијалот во Русија по што даде ветување дека жолтите ќе играат на ЕУРО 2020, ветување кое го исполни.

„И на крај, јас си го одржав ветувањето кое го дадов по завршувањето на квалификациите за Мундијалот во 2018 кога им порачав на навивачите дека можат да си резервираат карти за Европското“, заврши Шева.

Коментирај