Македонија

Шилегов: Скопје го замислувам како зелен град со многу повеќе зеленило

14. февруари 2020 - 10:59 | Ф.З.

Градочалникот на метрополата говорејќи на конференција во Скопје истакна дека неговата визија за Скопје е да биде зелен град со многу повеќе зелени површини.

Споредено со 90-тите, главниот град на Македонија има изгубено половина од зелените површини за на нив да никнат бетонски монструми. Урбаната мафија полека го убива и гуши градот, а и покрај незадоволството на граѓаните и натаму енормно се гради во пренатрупаниот, загаден и загушен главен град.

„Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето на чиста и здрава животна средина. Како градоначалник во повеќе наврати нагласив дека ќе се залагам Скопје да се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот. Верувам дека до 2022 година, кога истекува важноста на постоечкиот ГУП, имаме доволно време да ги вклучиме сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг. Оттука верувам и дека ќе се отворат можности со новиот ГУП да обезбедиме и услови да се продолжи со деталното планирање на градот на начин што сериозно ќе го унапредува квалитетот на живот на нашите сограѓани“, рече Петре Шилегов.

Шилегов нагласи дека искрено се радува што откако е тој  градоначалник, Град Скопје има одлична соработка со Асоцијацијата на архитекти на Македонија и се труди да ги следи препораките на домашните и на странските експерти во областа на архитектурата и градежништвото. Исто така, посочи дека смета оти во тој дел како градска управа немаат простор или уште повеќе немаат право на импровизации какви што некои негови претходници си дозволиле и тоа не така одамна.

„Од поголемите предизвици со кои се занимававме во изминатиов период сакам да ја издвојам реконструкцијата на фасадите на 13 средни училишта, каде што се потрудивме кај најголемиот дел од нив да ја задржиме автентичноста на архитектонските решенија, а сепак да обезбедиме енергетска ефикасност при изведбата на овие реконструкции. Минатата година имавме конкурс за идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на Калето каде што побуди огромен интерес. Добивме 17 труда со предлози како да ја зачуваме круната на Скопје, зашто Калето е круна на нашиот град. Пристигнаа исклучително добри решенија со визија како овој дел од градот што во минатото беше напуштен и запуштен може сите заедно да се обидеме да го облагородиме и да го направиме многу поатрактивен. Во блиска иднина нѐ очекуваат уште многу, се надевам за вас како фела, интересни предизвици. Најактуелен во моментов е конкурсот за идејно решение за паркот во Карпош кој го распишавме минатата недела. До крајот на овој месец очекувам да се распише и конкурсот за идејно решение за изградба на зградата на новата Универзална сала во Скопје, а наскоро во план ни е и да распишеме конкурс за идејно решение за изведба на летна сцена во Градскиот парк имајќи ја во предвид зголемената посетеност на паркот во летниот период заради концертите, фестивалите и летните кина кои ги организиравме изминативе две години“, изјави градоначалникот.

Тој, исто така, додаде дека Град Скопје е целосно подготвен да преземе сè што е неопходно неговите граѓани да добијат паметен и функционален град кој ќе биде во чекор со модерните европски градови.

„Имајќи го предвид брзиот развој на модерните технологии, имплементацијата на „Паметен град“ како концепт бара брзи, конкретни, но добро испланирани и координирани чекори од повеќе институции на локално и национално ниво. Град Скопје е целосно подготвен да биде лидер во овој процес и да преземе сѐ што е неопходно нашите сограѓани да добијат паметен и функционален град кој ќе биде во чекор со модерните европски градови кои бележат сериозен напредок на ова поле. Отворени сме за нови издржани идеи на стручната јавност кои можат да помогнат овој концепт да стане наша реалност. Убеден сум дека оваа конференција ќе даде сериозен придонес во таа насока и ќе помогне во правилно насочување на активностите кои имаме обврска да ги преземеме за доброто на сите граѓани“, заврши Шилегов.

Фото: Град Скопје

Коментирај