Свет

Шојгу: Русија нема да остане без одговор за соборениот „иљушин“

19. септември 2018 - 12:11 | А.С.

Рускиот авион „иљушин-20“ што беше соборен во Сирија вршел извидување во зоната на деескалација во Идлиб, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

„Во зоната на изведување напади, да бидеме попрецизни, меѓу четири авиони F-16 на Израел и територијата на Сирија се наоѓал нашиот авион ‘иљушин-20’ со 15 членови на екипажот кој вршел извидување во зоната на деескалација во Идлиб“, објасни Шојгу на средба во Министерството за одбрана.

Тој додаде дека по инцидентот во Сирија го известил израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман дека Русија нема да остане без одговор на акцијата на израелската авијација во која загинаа руски војници.

„Денеска ги известивме израелските колеги, поконкретно јас го известив израелскиот министер за одбрана, дека нема да ги оставиме ваквите потези и дејствувања без одговор“, рече Шојгу.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека на 17 септември околу 23 часот изгубиле врска со рускиот авион „иљушин-20“ што се враќал во базата Хмејмим, а се наоѓал на 35 километри од брегот на Средоземното Море.

Израелската војска рече дека ќе ги сподели сите неопходни информации со руските служби а да се истражи инцидентот со соборениот авион.

Коментирај